Шилегов – Сè уште нема конечни одлуки за спомениците од Скопје 2014

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Шилегов – Сè уште нема конечни одлуки за спомениците од Скопје 2014

Ги чекаме извештаите на службите, полека ги создаваме условите да може да се донесат конечните одлуки во однос на Скопје 2014, вели градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Шилегов, најавивте дека до 2021 година Скопје ќе биде европска зелена метропола. Колку се реални ваквите проценки ако се има предвид фактот дека тука на секое ќоше никнува зграда, а не дрво?

Буџетот на Град Скопје, којшто ќе биде на седница на Советот на Град Скопје во вторник меѓу другото предвидува и зголемен обем на буџетот за набавка на зеленило. Повеќе од два милиони евра Град Скопје во текот на наредната буџетска година ќе потроши за набавка на зеленило и во рамките на реорганизацијата на јавните претпријатија и начинот на нивното функционирање коешто ќе го спроведеме со новите менаџерски тимови од инертни јавни претпријатија ќе направиме активни јавни претпријатија. Нашата крајна цел е зголемување на зелените површини и уредување на постојните коишто се крајно запуштени.

Пари за зеленило велите ќе има. Но да се навратиме на градежната експанзија. Дали размислувате можеби да ставите мораториум за градење во некои од најкритичните населби во Скопје?

Мораториум како забрана за градење, законските прописи во Република Македонија не признаваат. Она што во моментот се работи од страна на Град Скопје и од општините во главниот град, тоа е усогласување на деталните урбанистички планови го генералниот урбанистички план на Скопје со цел да се избегне, она што јас го велам, нехумана градба, затоа што урбанизацијата меѓу другото не значи градење, урбанизацијата значи да овозможите на луѓето коишто живеат во тие објекти да имаат нормални услови за живеење, што во Кисела Вода, Центар, во Општина Карпош ни се оневозможува како граѓани. Токму затоа доаѓа до тоа усогласување со цел определени зацртани маркици не бидат изведени, затоа што едноставно не ги задоволуваат минималните услови за луѓето кои живеат во околината на тие објекти и луѓето кои би живееле во тие објекти кои би се изградиле би имале квалитетно услови за живот, така што тој тип на активност е веќе во тек.

Дали ќе има преместување на спомениците? Беше најавувано, можеби во меѓувреме се премисливте и дали воопшто се направени калкулации колку воопшто таков потег би ве чинело?

Дел од спомениците не се ингеренција на Град Скопје и тука се вмешани Министерството за култура и Општина Центар и тоа во формално правна смисла ќе биде однос меѓу тие две институции. Да го доградите мостот на Панорамското тркало без Панорамското тркало би ве чинело отприлика околу 4,5 милиони евра. Недостасуваат средства тој да се изгради и би добиле еден ултра скап пешачки мост. Да го исчистите коритото на реката Вардар и од мостот и од галиите и од некои фонтани кои веќе подолго време не работат и од врби и од сето тоа во коритото чини исто така 4,5 милиони евра. Така што тоа се дилемите со кои и јас како градоначалник и луѓето кои се тука се соочуваме и за нас, повторувам, дека приоритет е безбедноста и согласно таа безбедност ќе ги носиме одлуките на Градот.

Значи сè уште нема конечен заклучок дали ќе има или ќе нема преместување на спомениците?

Инспекциските служби на Град Скопје се веќе во посета на галиите, да се утврди нивната состојба. Куриозитет е во неодговорноста во носењето одлуки на претходниците, што не го сметам за сопствено алиби, бродовите во коритото на реката Вардар се поставени под категоријата урбана опрема. Какви сè правни екскурзии не се правени со цел да се реализира еден налудничав проект, како нечија желба. Ги чекаме извештаите на службите, полека ги создаваме условите да може да се донесат конечните одлуки.

Целото интервју со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.