„Идентитети“ е проект што директно упатува на потребата од соочување со суровата стварност што не притиска и не врзува со сите наметнати стереотипи и шеми на однесување создавајќи конфликтни емоции притоа. Делата кои се изработени со комбинирање на различни техники, темни тонови и геометриски форми (како основата на Малевичевиот квадрат), одразуваат своевиден носталгичен однос кон исконското и искрено минато и сугерираат мачна потрага по основата копајќи низ наталожените слоеви на она што не дефинира како индивидуи и растргнувајќи ги пречките што го ограничуваат слободното право на избор.
Вака Маја Чанкуловска - Михајловска, историчарка на уметност и кураторка на изложбата, ќе стави точка на својот текст печатен во каталогот за изложбата „Идентитети“ на македонскиот уметник Страхил Петровски. Проектот премиерно и со голем успех беше претставен во Националната галерија на Македонија, во објектот Чифте амам, во декември минатата година, за не многу потоа професорот и ликовен проследувач Небојша Вилиќ, во својот есеј објавен во словенечката ревија „Провинција“ ( март 2017) забележи дека „творештвото на Петровски му ја вратило надежта дека не е сè изгубено во современата македонска уметност“ и дека „неговото дело докажува оти за сегашната општественост сè уште може да се дискутира без тоа да влијае врз јазикот и реториката на уметноста со баналноста, но со преплетување во ново естетско искуство“.
А, по безмалку една календарска година, збогатена со уште десет новосоздадени дела и вообличена во четири тематско поврзани и испреплетени целини, „Идентитети“ на Страхил Петровски, од 29 ноември до 13 декември, повторно се најде во средиштето на ликовните случувања во земјава. Овојпат во Уметничката галерија на НУ Музеј-Куманово. Минималистички простор кој со својата чистина и белина, како што ќе рече авторот, е безмалку идеален за претставување на неговиот повеќе слоен циклус во кој се вкрстени различни медиуми-објекти и за неговото второ претставување во родниот град кое доаѓа по цели две децении од првата средба со тамошната културна јавност (?!).
„Ова ми беше моја реакција на нашето бреме. На нашето опстојување. Тоа е моја и реакција и рефлексија на некој начин. Некој мој внатрешен револт кој е акумулиран повеќе години. Знаеме во какво време живееме. Под постојани пресии. Под постојани наметнати стереотипи. Во едно конфузно лудо време. Постојани тенденции на промена. И на име и како нација. И од политички и од социјален аспект. Сето тоа е комплетно опфатено во проектот. Оној психолошкиот момент ми е исто така многу битен кај сите нас. Како ние сите го доживуваме тоа време. Темата е истовремено и онтолошка на некој начин. Се среќавам секојдневно со цинизам, со иронија, со бездушност, со одвоеност, непочитување, примитивизам и некултура, немање домашно воспитување... А мене всушност најбитното нешто ми е да бидеш човек“, вели Петровски.
Говорејќи за „Идентитети“, проектот што темелно и со многу труд настанувал во изминатава декада, тој посочува дека со него практично ставил точка на еден мрачен периодот од сопствениот живот „во кој како да паднал во една црна дупка“. Период на загуба на родителите, талкања и потраги во времето и просторот и најмногу во себе. Години во кои и да не творел, а уште помалку излагал на ликовната сцена.
И, кон ова повторно да се вратиме на пишувањето на кураторката Чанкуловска – Михајловска која забележува дека „Страхил Петровски ја претставува оваа своја потрага по личниот идентитет во лавиринитите на динамичната и конфузна технолошка денешнина на информациски хаос преку повеќе различни целини со силно нагласен симболичен набој. Дека од формален аспект, целините што ја комплетираат оваа визуелна нарација во својата основа се замислени како синтеза на две спротивставени крајности – апстракција и фигурација. И згора на тоа дека „таквата апстрактно-фигуративна релација е разбиена со маски ( сите различни и со „индивидуални“ карактеристики) кои ја симболизираат бројноста на селективните идентитети, но во негативна насока на отскривање на дволичноста, а наспроти нив се поставени текстови што иницираат прашања, нудат насоки...“. Конечно таа заокружува со констатацијата дека „можеби визуелно најдескриптивната, клаустрофобично-морничава, а воедно и најинтимна сцена содржи фотографии, текст и редимејд-објекти ( столче, светилка) и ги одразува внаатрешните дијалозии наметнатиот страв од погрешен избор.
„Многу сакам да ги комбинирам условно кажано неспоивите работи. Прво многу е тешко да се спои фотографијата со апстрактното сликарство кое што јас го негувам и го практикувам долги години. Тоа е всушност нефигуративно сликарство, може да се каже сликарство на материја. Некој минималистички пристап. И сакам тие две работи да ги инкорпорирам заедно“, појаснува уметникот.
Петровски дополнува дека иако самиот подолго аматерски се бави со фотографија, сепак оние кои се користени во „Идентитети“ се дело на еден негов пријател кој успеал да ги „фати“, да ги документира психолошките состојби во кои тој како автор се наоѓал. Некои негови животни приказни во кои можеби лежи суштината за отсутноста.
„Јас еден период немав потреба да се изразам како автор. Ова можеби се случи откако претече сета таа акумулација на негативни чувства, на тој гнев...таа моја трагедија ...губењето на родителите...Веројатно сето тоа можеби ме поттикна за да продолжам понатака. Како вработен во Националниот конзерваторски центар не можев да се задоволам од секојдневните обврски. Тоа не ми беше доволен предизвик. Ја сакам работата што ја работам, меѓутоа ова ми е примарна дејност и тука сум свој на своето“.
Конечно Петровски иако смета дека неговиот проект „Идентитети“ е во некоја рака заокружен, сепак не ја исклучува можноста дека во него има уште нешто да се каже. Дека тој циклус можеби и би го продолжил, меѓутоа во поинаква форма, во поинаков медиум – инсталација или објект. Нешто што не му е непознато и со медиумите кои и досега ги вкрстувал.
Прашан, пак, дали размислува изложбата да ја прикаже во другите градови од земјава или во странство авторот истакнува дека би било убаво тоа да се случи, меѓутоа дека станува збор за комплексен проект и дека по малку се плаши оти технички тоа нема да биде лесно изводливо. Вели дека за во странство конкурирал да биде прикажана во Берлин и во Париз, но дека сеуште го чека одговорот на надлежното министерство и на другите институции. Истакнува дека самиот е подготвен за нови предизвици затоа што сега се чувствува „позрел во она што сака да го каже“. Дека се стекнал со поголемо животно и работно искуство.
„Сега продолжувам со истото темпо што ми беше својствено во работата од пред низ години. Се јавувам на секој конкурс, секаде ќе ме има...и тоа е тоа. Овде ќе го спомнам татко ми кој исто така беше уметник и ми велеше: Ти можеш и мораш и никако да не престанеш да се занимаваш со тоа што најдобро го знаеш и најдобро умееш! И ден денес како да ги слушам неговите зборови“.
Роден во Куманово во 1974 година, Страхил Петровски дипломирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1997, а три години подоцна на оваа институција ги завршил и постдипломските студии.
Зад себе има седум самостојни изложби во Куманово, Скопје, Виена, Охрид и во Тетово и повеќе од 60 групни претставувања во земјава и во странство. Учествувал и на над 20 ликовни колонии и симпозиуми, а добитник е и на неколку значајни награди и признанија од кои посебно бележити се „Димитар Кондовски“ и „Константин Мазев – Коце“ за сликарство.
Од 2012 година е докторанд на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Неговите дела се наоѓаат во музејски збирки, јавни институции и приватни колекции во земјата и странство.
Член на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001/2007, и на ИКОМ од 2011 година. Работи како виш конзерватор во НУ Национален конзерваторски центар - Скопје.