Баргелд и Теадро со „Најцрниот“ во Македонска филхармонија

Бликса Баргелд и Техо Теадро

Бликса Баргелд, една од иконите на европската алтернативна сцена, пејач и лидер на култниот германски состав EINSTURRZENDE NEUBAUTEN и некогашен член на THE BAD SEEDS – придружниот бенд на Ник Кејв, и италијанскиот композитор и продуцент Техо Теадро, в сабота, на 9 декември, во 20 часот, ќе одржат концерт во Македонската филхармонија. На овој перформанс чиј организатор е Младински културен центар – Скопје уметниците ќе го промовираат својот втор заеднички албум „Nerissimo“.

Скопје полека но сигурно станува град со „сериозна“ концертна понуда. И, овде притоа не мислиме на настапите на големите комерцијални имиња ( кои рака на срце и тоа како се потребни како брана пред засилените турбо-фолк-поп атаци), туку на оние другите. На перформансите на артисти како на пример Chk Chk Chk, JAGA JAZZIST, Криста Бел или Зола Џесуз...

Или уште повеќе оној што не очекува на 9 декември кога на сцената во Македонската филхармонија ќе треба да се искачат Бликса Баргелд, една од иконите на европската алтернативна сцена, пејач и лидер на култниот германски состав EINSTURRZENDE NEUBAUTEN и некогашен член на придружниот бенд на Ник Кејв - THE BAD SEEDS и италијанскиот композитор и продуцент Техо Теадро, кого поаналитичните го имаат документирано и како предводник на „индастриал“ дружината MEATHEAD.

Фактографијата го вели и следново.

Бликса Баргелд е роден во 1959 година во Западен Берлин. Како самоук артист и органски уметник, тој работи како пејач, писател, композитор и режисер. Повеќе од една декада бил гитарист и малку повеќе од тоа во бендот на Ник Кејв - THE BAD SEEDS, а од 1980 година е основач и предводник на германската гордост – групата EINSTURRZENDE NEUBAUTEN со која има потпишано дузина класични дискографски остварувања и го има прошетано вдолж и попреку светот.

Распнат помеѓу различните творечки медиуми и потребата да биде свој Баргелд во моментов живее и еруптира на релација Сан Франциско - Берлин – Пекинг.

Од друга страна, Техо Теадро живее во Рим и е музичар, композитор и дизајнер на звук. Негово дело е музиката за неколку филма од режисери добитници на наградата „Оскар“ како Паоло Сорентино и Габриеле Салваторес. Во татковината има прибрано повеќе награди за сопствената музика од кои посебно бележити се „Енио Мориконе“ и „Давиде Ди Донатело“.

Баргелд и Теадро соработката ја почнале на почетокот од оваа декада кога се нашле во продукцискиот тим на театарската претстава „Ingiuria“, за да не многу потоа ( две години поминати на релација Рим – Берлин) го обелоденат и заедничкиот деби албум „Still Smiling“ на кој во обликувањето на звучната слика ( „внимателно биле бирани секој тон, секој збор, секоја тишинка“ )од голема помош им биле нам добро познатите БАЛАНЕСКУ КВАРТЕТ ( Овде сеуште кружат приказни за нивниот прекрасен концерт во МОБ пред безмалку три децении!!!) и виолончелистката Мартина Бертоли.

На него разбирливо Техо свирел баритон гитара и бил здолжен за контрола на битовите и луповите, а Бликса со свјот препознатлив вокал и единствениот сценски настап на препознатлив начин ја заокружил формата на нивната штотуку зачната музичка потрага.

А, по три години од ваквата пројавност и серијата перформанси во земјите од Стариот континент, на почетокот од минатата 2016, нивната заедничка авантура кулминираше и со втората дискографска објава – албумот „Nerissimo“.

Отпеан на неколку јазици (италијански, англиски и германски) и со музика во која се вкрстуваат „камерниот поп“, електрониката, богатите гудачки пасажи, веќе препознатливиот „нојбајтен индустриал звук“..., носачот на звук брзо го привлече вниманието на критиката за да веднаш потоа и публиката со воодушевување ги пречека нивните концертни настапи.

Еден од рецензентите воодушевен од понуденото ќе напише: „Патувајќи низ повеќе слојната црнина, песните обликуваат еден патепис од појави, од бои што можат да го претворат целиот универзум штом ги изговорите во еден своевиден ноќен лет, без светла над европските престолнини“.

Кон ова само уште и информацијата дека обвивката на „Најцрниот“ е инспирана од делото „Амбасадори“ на сликарот Ханс Холбајн Помладиот од 1533 година. „На неа се напластени енигматски алузии кон филозофијата, религијата, смртноста и илузијата, кои што, пак, имаат врска со дел од темите во албумот“.