Распнато помеѓу суровата политичка реалност и потребата да се живее „светски“, на ова и вакво Скопје и во деновите од претстојниот викенд, барем според најавите, ќе му се случуваат нови и авангардни аудио-визуелни атракции.
Деветтото издание на „Десонанз“, во соработка со фестивалот „Таксират“, во петок, на 8 декември, на затворањето на својот дел од настаните, на малата сцена во Македонска филхармонија, планира да претстави три навистина возбудливи и уникатни проекти.
Најнапред со својата звуковност и поставеноста во глобални рамки се издвојува данското дуо ДАМИЕН ДУБРОВНИК кое го чинат Локе Рахбек и Кристијан Стадсгаард, високо ценети творци во светот на современата музика и згора на тоа сопственици на културниот феномен и издавачка куќа Posh Isolation од Копенхаген.
За нивните настапи пред публиката се вели дека „се волшебни не само поради техничката перфекција на звучниот дизајн во нивната музика, туку и по нивните луцидни сценски перформанси и неверојатната харизма која ја носат на сцена“.
Тие пред македонската публика доаѓаат со материјалот од својот последен албум „Great Many Arrows“ чија светска премиера се обистини пред неколку месеци во Берлин и од тогаш момците се на пат и ги одработуваат концертите од актуелната турнеја.
Публиката ќе има можност да го проследи и ексклузивниот проект на македонските експериментатори СТРИНГ ФОРСИС, кои во последно време во континуитет и во одмерени дози ги промовираат композициите од својата последна албумска објава насловена „Соголи ме!“ .
Според организаторите на „Десонанз“, овој аудиовизуелен перформанс кој членовите на бендот го насловија како „Копај подлабоко“ ќе понуди подлабок осврт на нивниот досегашен опус, со особен акцент на „авторските музички експерименти подалеку од популарната музика, како и неколку уникатни, подлабоки и психоделични верзии на веќе препознатливите хитови“.
Во пресрет на претставувањето на овој зафат Дориан Јовановиќ знае да каже дека во дослух со насловот на својата последна објава СТРИНГ ФОРСИС, на некој начин, се обиделе „самите себе да се соголат за некои теми и музички и лирично на начин на којшто не го правеле до сега“. Тој потенцира дека нему му е навистина мило што некој седнал и ги преслушал албумите на бендот и притоа забележал дека освен она што сите го знаат за нив од телевизија и од медиумите „постои и некоја друга страна во целата приказна и дека тоа е она што во случајов тие ќе го презентираат на овој настап или настан“
„За визуелниот дел нема да говорам и нема да го коментирам, ќе оставам тие што се љубопитни да дојдат и да видат како тоа ќе изгледа, а музичкиот е нешто што ние од првиот албум го правиме меѓутоа никогаш овде не сме имале можност тоа да го презентираме така како што би сакале. Тоа е пред се* експериментирањето, електрониката и импровизацијата во најголема мерка. Иако не звучи така, голем дел од песните забележани на албумите на СТРИНГ ФОРСИС се или настанати од импровизација или самите по себе се останати како импровизација независно што звучат како да имаат структура, хармонија и се* понатаму. Тоа е она што ние во случајов ќе го извадиме. Тоа ќе биде настап на шестмина луѓе кои колективно ќе импровизираат. Ако сакате да не видите во такво светло тогаш повелете“, вели Јовановиќ.
Инаку, оваа перформативна вечер на малата сцена на Македонска филхармонија ќе ја отвори ВЕДИС, електроакустичниот проект на Клара која вооружена со својот глас и неколку инструменти ќе ја одведе публиката на магично аудио-визуелно патување. За него од „Десонанз“, како годишен фестивал кој истражува и експериментира со културните стандарди на мултимедијалната уметност но и со границите на колективната естетика, велат дека е „едно од најубавите нови нешта на современата македонска електронска сцена“.