На (суб)културно Скопје од 30 ноември и се до 9 декември ќе му се случува 19-от ТАКСИРАТ. И на него, безмалку единствена понуда - повеќе од 10 настани на кои учество ќе земат шеесеттина значајни музички артисти од Европа, од регионот и од современата македонска сцена. Разговори, дебати, промоции, перформанси и над се со ништо не условена можност да се фрли поглед на актуелностите од современата звуковност, на визиите, енергиите и продуктите на оние кои несомнено го заслужуваат поширокото, ако милувате и глобалното внимание.
„ТАКСИРАТ започна токму на ова место, во МКЦ во 1999 година со екипа на млади ентузијасти кои сакаа судбината да ја претстават не секогаш како негативна и дека не секогаш е негативен моментот ако сакаме да ја превземеме во наши раце правејќи го тоа што го сакаме и она во што веруваме. И ете скоро токму 20 години ТАКСИРАТ го прави токму тоа – ја покажува убавата страна на Скопје. Потврда за тоа имаме токму со ПИН конференцијата кога Скопје го претвораме во збирно место на креативната енергија, на музичкиот пркос на артистите не само од домашната сцена туку и од европската сцена, и не само на артистите туку и на музичките професионалци коишто можат многу да ни покажат и од кои можеме доста да научиме кога станува збор за музичката индустрија воопшто“, вели Катерина Цветковска од Пасворд продукција, потписниците на ТАКСИРАТ.
А, првиот настан од ова своевидно десет дневно звуковно-дебатно-сценско патешествие на ТАКСИРАТ и ДЕСОНАНЦ е меѓународната ПИН музичка конференција и шоукејс фестивал сo импресивна програма која Скопје, од 30-ти ноември до 2-ри декември, ќе го претвори во збирно место на артистите и музичките професионалци од европската сцена. На панел дискусиите посветени на различни актуелни теми кои ја засегаат македонската музичка сцена и претставуваат бројни успешни примери од различни земји е предвидено учество да земат повеќе од 100 делегати.
Меѓу нив и главните ликови кои стојат зад реномирани музички настани и асоцијации како BOILER ROOM од германската метропола Берлин, GLASTONBURY од Велика Британија, холандскиот AMSTERDAM DANCE EVENT, полскиот фестивал WOODSTOCK, словачката POHODA, EXIT, DRUGSTORE и 9EVET од соседна Србија, грчкиот, IMPALA од Белгија, OUTLOOK и DIMENSIONS од Хрватска, промотери и агенти, луѓе од бизнисот од Норвешка, Австрија и Унгарија, и уште многу други од Стариот континент како и голем број претставници од домашната музичка сцена.
Тие ќе дебатираат на теми врзани со независната сцена, музичките трендови, фестивалите, промоцијата на музичките артисти, институционалните стратегии за поддршка на музичката уметност, авторските права и за други значајни прашања.
Од друга страна, во рамките на концертниот дел од програмата на четвртата ПИН конференција публиката ќе има можност да проследи повеќе од 30-на настапи на музички артисти за кои влезот е слободен.
Први својот предизвик ќе го крикнат австралиско-американскиот арт-рок бенд LIARS, а тука се и хероите на истанбулскиот психоделичен рок и нашите стари познаници BABA ZULA. Во овие рамки особено бележито е и враќањето на македонските сајберпанк пионери – КИБОРГ кои повтоно се искачуваат на сцена по повеќе од дводецениското отсуство.
„Во овој живот избравме да се бавиме со музика и за Дарко Јаневски и за мене дојде вистинскиот момент повторно да се соединиме во КИБОРГ и на наше големо задоволство повторно со нас ќе бидат Горан Атанасов и Перо Стефановски, нашите другари од СНАТОРИУМ, кои со нас беа и свиреа во 1996 година на заедничкиот концерт со швајцарците YOUNG GODS. Фактички вака излегува дека сме преспале 20 години и дека сега повторно атакуваме со нова енергија и со веќе познатите и нови теми. И верувајте ова што сега го правиме е многу позаразно од она во 1990-те години“, ќе рече Владимир Каевски, кого мнозина го познаваат и како член на една од инкарнациите на култните МИЗАР.
Кон ова уште и информацијата дека тука се и една од најавтентичните и неконвенционални македонски музички групи ФОЛТИН, еден од најдобрите хардкор панк бендови од Балканот DEBELI PRECJEDNIK од Хрватска, извонредниот хармоникаш од Швајцарија - Марио Батковиќ (кој патем на меѓународната музичка сцена поставува нови стандарди), македонскиот концептуален бенд кој музички може да се опише како пастиш на секој можен жанр – ПОГАН ПАГАН, едни од највлијателните претставници на домашната транс музика EGORYTHMIA, DJANTRIX и SPIRIT ARCHITECT, акустичната етно група со минималистички музички концепт БАКЛАВА, разулавената панк-рок-кабаре банда КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ (која на ПИН ќе го промовира својот нов албум), IT’S EVERYONE ELSE од Словенија, STRAY DOGG, NAKED и VIZELJ од Србија, AT PAVILLON од Австрија и така со ред.