Во Македонија е време да се забрзаат реформите, изјави професор Никола Дујовски, анализирајќи ги најавите за можно обновување на американскиот ангажман на Западен Балкан.
Коментирајќи ја изјавата на потпретседателот на Атлантскиот совет во Вашингтон, Дејмон Вилсон за Гласот на Америка дека Атлантскиот совет ќе објави извештај за можната американска стратегија за Западен Балкан, професор Дујовски вели дека Америка трезвено ги следи случувањата во регионот и го зазема просторот кој се обидуваат да го заземат и Кина и Русија.
„САД подолг период сигнализираат дека земјите од Западен Балкан треба да добијат поддршка во однос на евроатлантските интеграции. Добро е што Атлантскиот совет, кој нема некоја формална моќ во Америка, ќе иницира такви политики да се спроведуваат од Вашингтон. Реакцијата на Русија би била занемарлива, зашто Црна Гора е веќе членка на НАТО. Овој повик повеќе е насочен кон земјите од Западен Балкан отколку кон Русија. Важно е да почнат позасилени реформи“, изјави Дујовски.
Претседателот на Евро-Атлантскиот совет во Македонија, Исмет Рамадани, изјави дека очекува претходно потврдената поддршка на САД за евроатлантските интеграции во наредниот период да биде уште поинтензивна, а тоа, според него, ќе значи финализирање на опцијата за членство на земјите од Западниот Балкан во НАТО.
„САД во овој момент гледаат дека руското влијание на Западниот Балкан веќе е присутно и тие со години веќе се ангажирани на Балканот и сакаат и понатаму нивното влијание да биде што поголемо, а факт е дека сите овие држави, освен Србија, веќе имаат опција да бидат членки на НАТО, односно веќе се вклучени во евроатлантските интеграции. Американците во овој случај се јавуваат како главни спонзори на евроатлантската опција на земјите од Западен Балкан“, изјави Рамадани.
Како што вели Рамадани, интензивирањето на американскиот ангажман на Балканот нема да ги „возбуди“ руските кругови, зашто прозападната позиција на Македонија е потврдена од расположението на граѓаните и на политичарите. Тој очекува Русија да реагира само декларативно.
Како што оценува Дујовски, добро е што има нова Влада и соработка во регионот, но дополнува дека сè уште има отворени прашања и во Македонија и на Косово, а оти САД ќе го следат и однесувањето на Србија. Тој очекува позасилен ангажман на САД и присуство во земјите од регионот преку програмите кои тие ги имаат тука. Дујовски вели дека државите од Западен Балкан реално имаат потреба од странска помош.
„САД се присутни од поодамна со програми, некои се завршени, некои се отворени како Програмата за обнова и развој и Програмата за поддршка на јавната администрација. Има многу програми преку кои тие може директно да вложуваат и да помагаат зашто нивен стратешки интерес е Кина и Русија да имаат што помалку простор, а да се поддржува западната демократија“, вели Дујовски.
Тој дополнува дека интензивирањето на американскиот ангажман во регионот, освен за НАТО, ќе значи и поддршка за членство во ЕУ.