Специјалното јавно обвинителство отвори нова предистражна постапка за земена провизија поврзана со електрична енергија, изјави денеска специјалната обвинителка Катица Јанева. Таа во изјава за медиумите, пред седиштето на СЈО, истакна дека во оваа фаза во својство на сведок денеска бил испрашуван и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Таа повеќе детали за овој случај не откри, освен дека за предистражната постапка се повикуваат и други лица и дека во СЈО се водат слични други финансиски истраги.
„За истата предистражна постапка направено е вештачење на два разговори кои не се објавени јавно и врз основа на кои е воспоставена надлежност во овој предмет, а станува збор за разговори кои се водат во континуитет меѓу две лица“, изјави Јанева.
Груевски по распитот во СЈО, пак, пред медиумите истакна дека тоа што го работат во СЈО е незаконски и дека нивниот мандат е истечен.
„Им укажав дека ова што го работат е незаконски, дека нивниот мандат е одамна истечен и дека овие предистражни постапки кои ги тераат се практично малтретирање на граѓаните во услови кога тие не можат да поднесуваат никакви обвиненија. Но, за да не излезе дека одбегнувам да дојдам, дојдов и им го кажав моето мислење и одговорив на некои прашања што ме прашаа“, изјави Груевски.
Според него, предистражната постапка е со цел дефокусирање на јавноста од она што се случува во државата.
Груевски не одговори на новинарските прашања дали ќе ја негира во судот содржината на прислушуваните разговори кои ќе се користат како докази во судската постапка.
Во однос на предметот Таргет – Тврдина, Јанева посочи дека е донесена пресуда за еден обвинет, врз основа на признание со што тоа лице доби условна казна.
„Таа е правосилна пресуда, едно лице е осудено на условна казна. Тоа лице не е најсериозен обвинет, се знае таму кои се обвинети, Обвинети се Горан Грујевски, Сашо Мијалков и други кои се надевам дека од страна на Судот ќе им бидат одмерени највисоките казни“, изјави денеска Јанева.