Меркел нема да се повлече и не се плаши од нови избори

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Меркел сигнализира предвремени избори

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека не се уплашила од можноста за нови избори, наведувајќи дека нема да се повлече како лидер на партијата и како канцелар. Неуспехот на разговорите за нова владина коалиција ги зголемува изгледите за нови избори и фрла сомнеж врз нејзината иднина по 12 години на власт.

Меркел рече дека верувала оти коалицијата е можна, но оти морала да ја прифати одлуката на партијата Слободни демократи да се повлече од преговорите.

„Секогаш за време на изборната кампања велев дека сум подготвена да и служам на Германија уште четири години. Сега обидот да се формира влада не може да заврши успешно, но тоа не е причина да се откажам од моето ветување“, рече таа.

Анкетата објавена во понеделникот покажа дека новите избори ќе донесат приближно ист резултат како и изборите во септември, при што најмногу ќе профитираат Зелените кои исто така беа во преговорите за формирање нова влада.

Но, Меркел рече дека новите избори ќе имаат различни параметри со оглед на тоа што двете сестрински партии ЦДУ и ЦСУ станале поблиски од што беа пред изборите на 24 септември.

Неуспехот на коалиционите разговори е без преседан во повоената историја на Германија.

Тоа го консатира и германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер.

Тој очекува сите партии избрани во парламентот и натаму да бидат подготвени на разговори за да овозможат формирање на влада:

„За мене е сигурно: Неразбирањето и загриженоста во земјата и надвор од земјата, а особено меѓу нашите европски соседи, ќе бидат големи ако политичките сили во најголемата и економски најсилна земја во Европа не можат да ги исполнат своите политички должности“, рече тој.

Сепак, меѓу германски партии владее расположението за нови избори со цел да се надмине, како што оценуваат, најлошата политичка криза во земјата во изминативе неколку децении.

Слободните демократи остануваат на ставот дека не постои доволна заедничка основа да влезат во владата.

Социјалдемократите пак, се заглавени во ветувањето по поразот на изборите да не се вратат во „големата коалиција“ предводена од Меркел, велејќи дека и тие не се плашат од нови избори.

Крајно десничарската Алтернатива за Германија поради неуспехот да формира влада отворено побара оставка од Меркел.