На ЕУ ѝ треба брз договор за предложените закони за адвокати, банкари и други советници кои помагаат во изнаоѓањето начини за огромно намалување на даноците, рече денеска европскиот комесар за економија, финансиски прашања, даноци и царини, Пјер Московици.
Барањето за поголема транспарентност на полето на даноците доаѓа по новите откритија, познати како „Рајските документи“, за широко распространета употреба на оф-шор јурисдикцијата од страна на компании и богати поединци, наведува новинската агенција Ројтерс.
Во говорот пред Европскиот парламент во Стразбур, Пјер Московици ги повика земјите-членки и пратениците „во наредните шест месеци“ да ги прифатат предлозите на Европската комисија од јуни да ги натераат даночните советници да ги пријават плановите за даноци на нивните клиенти.
„Знаеме дека мултинационалните компании, богатите поединци, консултантите и банките заеднички работат да скратат огромни количини од даночните расходи“, рече Московици, додавајќи дека овие практики биле „систематски“.
Тој ги спореди даночните експерти кои помагаат за затајување на данок со „вампири кои се плашат од светлина“ и оти против нив може да се делува единствено со транспарентност.
Московици исто така ги повика земјите членки на ЕУ до крајот на годинава да се согласат за изготвување црна листа на даночни раеви, за да се намали желбата за оф-шор јурисдикции кои наплатуваат мал или воопшто не наплатуваат корпоративни даноци.
Огромното избегнување на даноците не е незаконско, но е контроверзно и во некои случаи може да прикрива нелегални активности.
Со предлогот за построги правила за даночните советници се предвидуваат казни за адвокатите, сметководителите, банкарите и другите советници кои нема да ги обелоденат даночните аранжмани со кои може да се избегне данок.
Предлогот на Европската комисија засега има мал напредок. Кога се работи за даночни прашања, сите 28 членки на ЕУ мора да се согласат со реформите. Помалите земји со ниски даноци може да ги блокираат промените.
Корпоративни раеви
Луксембург и Холандија се земји во ЕУ го најголем обем на средства во финансиски инструменти кои се во сопственост на корпорации кои префрлаат средства во компании во странство, се наведува во извештајот на Европската централна банка(ЕЦБ) од октомври.
Ваквите корпорации имаат околу 10 билиони евра во овие земји, покажуваат податоците на ЕЦБ, што е околу една осмина од целокупниот финансиски систем на еврозоната.
Субјектите „за даночно планирање и финансиски инжинеринг се главно сместени во Луксембург“, се наведува во извештајот подготвен за Луксембуршката централна банка, а е цитиран од ЕЦБ.
Во извештајот за скриениот банкарски систем во земјата се наведува дека поголем дел од овие компании „имаат виртуелно, но не и физичко присуство во Луксембург“.
Вообичаено се работи за големи нафтени, прехранбени, фармацевтски или телекомуникациски корпорации и „главно се користат за канализирање на средствата од или преку Луксембург до други компании од групацијата со седиште во странство“, се наведува во извештајот.
Според предлогот за даночни советници на Европската комисија, адвокатите или банките кои помагаат за воспоставување на овие структури веројатно ќе треба да им го пријават тоа на даночните власти за да се фрли поголема светлина врз ваквите зделки.
Сепак, професионалната доверливост може да ги спречи даночните советници да откријат податоци за нивните клиенти.
Во извештајот објавен минатата недела, европските пратеници изразија загриженост дека даночните советници од Луксембург ја користат доверливоста за да не ѝ дадат информации на тамошната даночна служба за клиентите вклучени во таканаречените „Документи од Панама“, кои беа објавени минатата година.
Трустови компании
Московици исто така повика на напредок за предлогот на ЕК за јавно објавување на крајните сопственици на трустовите компании и на другите финансиски субјекти кои профитираат од необјавувањето на нивните клиенти.
Трустовите се легитимни начини за управување со средства, но „може да се користат за криење на парите“, вели европратеничката Јудит Сарџентини од холандската Партија на зелените, која е задолжена за ова прашање, за Ројтерс.
Разговорите за оваа реформа траат повеќе од една година, но Велика Британија, Малта, Кипар, Луксембург и Ирска се меѓу земјите кои се противат на поголема транспарентност, вели Сарџентини. Велика Британија, каде што има голема трустова индустрија, ја брани доверливоста за да се заштити приватноста.
Други земји се плашат поголемата контрола може да ги „избрка“ компаниите од ЕУ.
Не се очекува напредок од новата рунда разговори закажани за попладнево меѓу преговарачите од Европскиот парламент и членките на ЕУ, рече Сарџентини.