Мeмети - Има големи очекувања од оваа влада

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мeмети - Има големи очекувања од оваа влада

Бројот на поплаки до Народниот правобранител се намалува, затоа што граѓаните имаат големи очекувања од новата влада и сметаат дека проблемите можат да ги решаваат и пред извршната власт, вели Народниот правобранител Иџет Мемети во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Мемети, за четири проценти е зголемено прекршувањето на човековите права во 2016 година. Кои се причините за, како што посочивте, рекордниот број прекршувања?

Тоа е констатација која покажува дека во 2016 во однос на 2015 ние констатиравме за толку проценти зголемување на прекршувањата на човековите права. И оваа година тука некаде се движат повредите на човековите слободи и права. Има една интересна карактеристика за оваа година. Додека 2015 година беше најмасовна по добивање на жалби, добивме рекорден број на поплаки, односно 4200, како никогаш до тогаш. Во 2016 тој број опадна за околу 500. Оваа година уште повеќе е опаднат бројот. Во нашата институција се смета дека опаѓањето на бројките е поради две причини. Едната е по однос на потрошувачките права поради укинувањето на радиодифузната такса и некои други права, а од друга страна имаме една перцепција во институцијата дека тоа се случува поради очекувањата на граѓаните од новата извршна власт. Во 2015 година граѓаните масовно доаѓа кај нас, иако знаеја дека не можеме да им помогнеме. Само за да го искажат нивниот револт, тоа што им се случува и дека се жртви на неправдите. Оваа година, нивна перцепција е дека таквите нивни маки или проблеми можат да ги решаваат и пред извршната власт. Значи да завршам дека очекувањата на граѓаните од новата влада се големи и затоа има понизок број на барања доставени до нас.

Голем дел од повредите се поради непрофесионално однесување на полицијата, говор на омраза, неквалитетни услуги за кои граѓаните плаќаат и повреда на избирачкото право. Се повторуваат ли истите прекршувања секоја година?

За жал се повторуваат повредите, меѓутоа не на истите лица, туку жртви се други лица. Ако ја земете работата на полицијата, односно на униформираната полиција, не може да очекуваме намалување на повредите на правата на граѓаните сè додека полициската бруталност не се казнува и сè додека Македонија нема ефективни истраги за злоупотребата на средствата за присилба. Во овој сегмент подобрена е комуникацијата со МВР и очекувам дека нашите жестоки критики ќе вродат со плод и ќе има промена во системите, конкретно во законот за полиција, а од друга страна треба да се зајакне и надворешната контрола над работата на униформираната полиција. Ќе останат како проблем неефективните истраги, затоа што сметам дека во овој сегмент уште повеќе треба да се работи, бидејќи се работи за еден менталитет на спроведување на закон од страна на јавното обвинителство. ОЈО или воопшто или многу ретко се осудува да врши детални истраги по однос на полициските злоупотреби. Често јавното обвинителство се солидаризира со полицајците. Тоа е голем проблем кој не го констатираат само нашите извештаи, туку и од надвор ни сугерираат за тоа.

Пратениците направија превид со неизгласувањето на вашите препораки. Во минатото постојано се жалевте дека власта останува глува на вашите препораки, дали стравувате дека и новата власт ќе продолжи со истиот тренд?

Така е и често пати сум рекол и покрај тоа што јас реагирам, Владата молчи. Што не е факт сега? Сега факт е дека новата Влада, зборувам за неа, не за другите органи на јавната администрација, е многу поотворена и многу полесно институцијата Народен правобранител комуницира со извршната власт. Но, од друга страна се случи и собранието да ја поправи грешката која за жал се случи. Сметам дека тој однос е на повисоко ниво, полесно се комуницира, но сè уште е рано да се каже кој ќе биде квалитетот на таа поголема фреквенција на комуникација. Посакувам тоа да вроди со плод да има ефект, а не само да остане на изјави. Досега имаме неколку случаи кога конкретно се покажува дека е различно, а не сепак исто.

Еден од пратениците на власта на социјалните мрежи ве обвини дека вие имате најмалку право да зборувате за човековите права, бидејќи на црниот понеделник најважно би ви било изгласувањето на вашиот втор мандат.

Секој има право да мисли и неговата мисла да ја искаже и јавно, па и пратеникот. За жал извештаите на Народниот правобранител наместо да се сфаќаат и да се гледаат, праксата покажува дека со години наназад собранието ги користи за политички цели. Како? На начин што пратениците ги користат за да се препукуваат или надмудруваат политички кој е подемократ и кој е понаклонет кон човековите права. Од друга страна, наместо да расправаат за состојбите кои се лоши во сите сегменти, тие се расправаат со мене како Иџет Мемети.

Целото интервју со Народниот правобранител Иџет Мемети може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.