Фотогалерија: Локални избори 2017 - Втор круг гласање

Гласањето во вториот круг од локалните избори во Македонија, според ДИК, почна навреме и без проблеми. Во овој втор круг, за градоначалничката функција во 35 општини се натпреваруваат 70 кандидати.

Вториот круг се спроведува на 1.517 избирачки места каде што право на глас имаат 833.710 граѓани, што претставува 46 проценти од запишаните гласачи во Избирачкиот список.

Од вкупно 10 скопски општини, втор круг има во шест и тоа во Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Чаир, Сарај и Шуто Оризари. Во овие општини право на глас имаат 260.194 граѓани, кои ќе гласаат на 387 избирачки места.

Покрај во скопските општини, се гласа уште и во 29 општини во Македонија, каде според избирачкиот список можат да гласаат 573.616 граѓани на 1.130 избирачки места.

Имајќи предвид дека Избирачкиот список за овие локални избори е заклучен пред одржувањето на изборите, лицата што ги немало во изводите од Избирачкиот список на првиот круг на 15 октомври, нема да може да го искористат правото на глас и на вториот круг од изборите.

Според Упатството на ДИК, постапката и начинот на гласање е ист како и досега, но различно е тоа што сега во овие 35 општини ќе се гласа само на едно избирачко ливче, само за градоначалник.

Ако на гласачот му е нарушено избирачкото право, тоа може да го пријават до Државната изборна комисија и до набљудувачите на изборите. На располаѓање се и канцелариите на Народниот правобранител и на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Сите седум канцеларии на Народниот правобранител ќе бидат отворени за вториот круг од изборите, за да им се помогне на граѓаните во остварувањето и заштитата на нивните права.

Според изборниот законик, избирачот може само еднаш да гласа. Гласањето се врши тајно, зад параван, а заокружувањето треба да биде со сино пенкало. Забрането е фотографирање и снимање на избирачкио материјали и на избирачите додека гласаат.

Гласањето на 1.517-те избирачки места во 35 општини каде што се спорведува вториот круг од локланите избори до 10 часот се одвива непрекинато и без повреди, а гласачките места се отворени навреме, соопшти на првата прес-конференција Државната изборна комисија (ДИК).

Сите гласачки места на вториот круг од локалните избори каде се избираат градоначалници се отворени навреме, гласањето оди тековно и досега нема информции за какви било неправилности, информираа на денешната прва прес-конференција од Граѓанската асоцијација МОСТ.