Страв од можни немири во Каталонија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Граѓаните на Барселона загрижени од следните чекори на Мадрид

Дел од жителите на Барселона изразуваат страхување откако лидерите на Каталонија изјавија дека нема да прифатат директно владеење што му е наметнато на регионот од страна на шпанската влада. Политичката криза ја вознемири економијата и ги зголеми стравувањата од немири.

Граѓаните се исплашени откако шпанскиот премиер Маријано Рахој во саботата објави дека ќе се повика на посебните уставни овластувања за да ја распушти регионалната влада и да свика нови избори.

Тоа всушност е одговорот на Мадрид на решеноста на Каталонија за незвисност. Роса Марија вели:

„Многу сум исплашена и мислам дека е многу тешко, но, се разбира, државата е многу посилна од Каталонија, тие се заштитени само со законот што е таму и секако, тие се во право. Тие не сакаа да зборуваат или мислат за желбите на луѓето, тие само се потпираат врз законот, законот и законот“, вели таа.

Каталонскиот претседател Карлес Пучдемон, кој потпиша симболична декларација за независност на 10 октомври по референдумот за отцепување, потегот на Рахој го оцени како најлош напад врз Каталонија од воената диктатура во Шпанија.

Енрик од Барселона во врска со следните потези на Пучдемон вели:

„Тој има неколку можности, да прогласи независност како што се обврза, но тоа ќе ја влоши ситуацијата или ќе се обиде да постигне договор со централната власт, но тоа е исто така многу тешко затоа што централната влада не сака да го стори тоа“, вели тој.

Ова е за прв пат по враќањето на демократијата во Шпанија централната власт да ги искористи своите овластувања за да ја преземе контролата врз регионалната администрација.

Шпански министер за надворешни работи Алфонсо Дастис за Би Би Си изјави:

„Ние ќе воспоставиме власти кои ќе владеат со секојдневните работи во Каталонија во согласност со, како што реков, каталонските закони и норми, и она што ние се обидуваме да го направиме е да ја вратиме нормалноста, да го обновиме заедништвото заради сите Каталонци“, рече тој.

Премиерот Рахој, кој дејствува со поддршка од главната опозициска партија во Мадрид и кралот Фелипе, за да наметне директно владеење врз Каталонија треба да добие овластување од Горниот дом на парламентот на Шпанија.

Седницата на Сенатот, по што на Мадрид ќе му биде дадена целосна контрола врз финансиите, полицијата и јавните медиуми на Каталонија, како и ограничување на овластувањата на регионалниот парламент до шест месеци, е закажана за 27 октомври.