Помалку нови згради, повеќе воздух

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Скопјe - стоп за прекумерната урбанизацијата и загаденоста

Скопјани се жалат дека во последниве години се потешко дишат, дека преку ноќ никнуваат нови згради, а недостигаат градинки и други инфраструктурни објекти. Од новиот градоначалник очекуваат решение на сите нивни проблеми.

Десет општини, секоја со свои проблеми - некаде нема канализација, некаде пат, некаде градинки, но во најголем дел од нив нема чист воздух. Забрзаната урбанизација на Скопје се гледа и од околу петстотини метри надморска височина, па ако тргнете од Водно кон центарот на градот ќе видите насекаде или градилишта или нови згради.

Градот се има многу сменето за последниве десет години, согласни се жителите на неколку скопски општини, па главно барање сега, од новиот градоначалник им е стопирање на прекумерната урбанизација и почист воздух.

Новите, огромни згради го спречија провевот во Тафталиџе, тврдат староседелците, кои лани протестираа за да го спасат од урбанизација малиот парк во нивна близина.

„Тука ние сме како во котел, се вариме летно време, нема воздух, дрвјата ги исекоа, 30 дрвја огромни, што ги негувавме по 60 години, а никого не прашаа“, вели Петре Петровски, жител на Тафталиџе.

Проблемот на кој тој се жали, немањето воздух според студијата која за градот ја изработија странски агенции, најмногу е поради домаќинствата, на кои отпаѓа 32 отсто, а остатокот го сочинува сообраќајот уличната и градежната прашина и индустријата.

И во Лисиче тешко се дише, чаирчани бараат основни услови

Петровски живее во Карпош, општината која заедно со Лисиче во зимските месеци уриваат рекорди во загаденоста. Десетина километри подалеку од местото каде што тој живее, во близина на новоизградените згради во реонскиот центар, Трајче Младеновски, нема забелешки за градбите и урбанизмот во неговото маало, но и тој има забелешки за воздухот.

„Последните две три години, навистина тие два месеца е многу загадено и навистина многу тешко се дише“, вели Младеновски.

Токму проектите за намалување на загадувањето на воздухот сега се во фокусот на програмата на кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, и на СДСМ, Петре Шилегов. Ветуваат почист воздух преку низа проекти, а и двајцата кампањата ја почнаа на велосипеди, првиот тргна кон Водно, а вториот се возеше на кејот на Вардар.

Но, во Чаир, на улицата кај познатата Јаја пашина џамија, луѓето што ги прашавме велат ги мачат и поинакви проблеми - нема инвестиции, канализација, недостига инфраструктура.

„Имам забелешки за улиците, гужвата, кражбите. Нема ништо тука, подобро во џунгла или во затвор отколку во Чаир да живееш“, вели Али Раиф.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Скопјани против урбаниот хаос

Граѓаните бараат хигиена, решение на сообраќајот, воздух

Скопјани в недела ќе може да одлучат меѓу осум кандидати. Покрај за кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ тие ќе може да гласаат и за кандидатите од Левица Марија Јонес, од ТМРО Ванчо Шехтански, од ДПА Беким Фазлиу, од Беса Нафије Селмани, од Алијанса за Албанците Наим Бајрами и од НДМ Ѓорѓи Тодоров. Кој и да е новиот менаџер на општина од него очекуваат решавање на многу проблеми.

„Ова да не се повтори, хигиената да се држи, да се постават чешмички.“

„Градинка, пазар, старечки дом, воздухот што е загаден да се реши.“

„Треба да се потсреди малку оваа урбанава мафија што е во Центар.“

„Сè е во ред, само половината од тоа да се оствари, задоволни ќе бидеме сите.“

„Да нема гужви со коли, да има канализација, да нема ѓубриште, тоа сакаме“

„Што било да се направи за општината Чаир да биде поубаво”, велат скопјани.

Од независноста на државава досега Скопје има сменето шест градоначалници. Два мандата градот го водеше Ристо Пенов и во два Коце Трајановски кој сега бара трета можност. Поради тоа што 15 години не е спроведен попис не се знае колку точно население има во Скопје, а според неофицијални процени бројката може да достигне и до 800 илјади.