Македонија и Парадата на гордоста

Антонио Михајлов, Субверзивен фронт

Иако мал напредок може да се забележи во последниве две години, посебно по промената на власта годинава, сепак евидентен е недостигот на зголемена јавност на нашите акции и иницијативи, на мејнстриминг на проблемите и потребите на ЛГБТИ во општеството и медиумите, пишува Антонио Михајлов од Субверзивен фронт во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Кога пред неколку седмици за време на панел дискусија во рамките на Парадата на гордоста во Белград бевме известени дека активистите за ЛГБТИ-права во Приштина, ја организираат првата Парада на гордоста во Приштина и тоа овој вторник, 10 октомври, чувства на огромна радост, задоволство и среќа ме облеаја во истиот момент. Бев пресреќен што моите колеги и колешки од ЛГБТИ-организациите во Косово, во тесна соработка со дел од тамошните граѓански организации, се одважија и охрабрија да го преземат тој силен чекор напред за нив самите, но и за кревкото косовско општество. Лично познавајќи се со нив и соработувајќи со нив и на заеднички проекти и иницијативи, а посебно кога и самите ми ја потврдија најавата за Парадата во Приштина (која ми делуваше неверојатно), ме обзеде голема восхит од нивната смелост пркосно да застанат во одбраната на нивните права и достоинство.

Уште поголема среќа ме обзеде кога од страна на канцеларијата на шведската организација Civil Rights Defenders во Белград бевме лично поканети да присуствуваме на овој настан од историско значење за граѓанското општество во Косово. Јас секако планирав да појдеме неколкумина од нашата организација Субверзивен фронт на наш трошок – Приштина е на 2 часа од Скопје, повратен автобуски билет е 520 МКД, но секогаш е многу, многу корисно кога можат и останати членови од ЛГБТИ-заедницата како и нивни пријатели и поддржувачи да можат да присуствуваат и бидат дел од вакво искуство.

И, еве, наместо 2-3, овој вторник на парадата ќе сме минимум 9 луѓе, и уште неколку од останатите ЛГБТИ-организации во Македонија. Секако, мали се бројкиве, но за заедници со големина, облик и специфики како на онаа во Косово, оваа бројка е навистина значајна.

Истовремено, набргу ме обзедоа и грижи и стравувања за мојата, но и за безбедноста на останатите учесници на парадата во Приштина. Колегите и колешките од мојата организација се потрудија тоа директно да ми го предочат – веднаш прашаа какви мерки на безбедност организаторот планира да преземе за да ја осигура безбедноста и сигурноста на оние кои ќе маршираат во вторник. Јас лично не мислам дека овој настан е од висок ризик – не затоа што не постојат хулигани и насилници во Косово на кои сексуалната и родовата различност ужасно им пречат, туку затоа што органите на косовската држава – без разлика на статусот на самата држава, зачудувачки добро си ја вршат задачата ваквите собири и маршови непречено и без инциденти да се одржат. Минатата година дури и самиот претседател на Косово Хашим Тачи, како и поранешната претседателка, Атифете Јахјага, маршираа заедно со активистите по повод Меѓународниот ден на борбата против хомофобијата и трансфобијата – 17 Мај.

За мене ваквиот степен на поддршка на тамошните државни органи кон борбата за еднаквост на ЛГБТИ-луѓето ми беше уште од самиот почеток сомнителен, посебно затоа што влијанието и присуството на „фамозната“ меѓународна заедницана Косово, посебно на американската политика е очигледен факт. Дури и на еден состанок со Советничката и координативна група за ЛГБТИ-права при Канцеларијата за добро владеење во рамките на Кабинетот на Премиерот на Косово, директно ги прашав тамошните вработени дали оваа група е идеја на разните американски или ЕУ служби на Косово, на што тогашната раководителка јасно ми одговори дека идејата е нивна, автентична и низ самиот разговор и презентација на нивните преземени дотогашни напори и заложби ми ги отстрани речиси сите сомнежи што ги имав.

Другиот вид на грижи и размисли што ми се појавија истовремено беа поврзани со отсуството на Парада на гордоста во Скопје. Досега, посведочивме две Недели и два Викенди на гордоста, од кои за онаа во 2013 година имам не толку позитивни сеќавања и асоцијации. Исто така, бевме сведоци на неколку Маршови на толеранцијата, кои за нас се исто така своевидни паради на гордост – крикови на пркосот и отпорот против опресијата која е наше секојдневие. Конечно, на големиот антивладин протест на 17 мај 2015, видливото присуство на знамињата со боите на виножитото и на ЛГБТИ-активистите ми предизвика чувства кои се најблиски до оние кои сум ги доживеал кога сум бил на парадите на гордоста ширум Европа. Чувства на слобода, на бестрашност, на безгрижност, на радост.

Нашите истражувања велат дека само во Македонија од сите 6 земји на Западен Балкан, ЛГБТИ-луѓето не ја гледаат Парадата на гордоста како нешто што ѝ помага на самата ЛГБТИ-заедница. Иако мал напредок може да се забележи во последниве две години, посебно по промената на власта годинава, што се рефлектира во зголемената јавна поддршка од страна на политичарите на власт, во значајната неодамнешна одлука на Управниот суд, а и во видливото присуство на истополовата љубов во две ТВ серии на националните радиодифузни канали, сепак евидентен е недостигот на зголемена јавност на нашите акции и иницијативи, на мејнстриминг на проблемите и потребите на ЛГБТИ во општеството и медиумите. Ми се чини истотака дека ни недостига и одважноста и храброста да излеземе од нашите плакари, да се поврземе со останатите кои се соочуваат со истите предизвици како и ние самите, и заедно и здружено да направиме мали чекори напред за себе, во нашите микросветови. Конечно, мислам дека недостига и координација на напорите на самите ЛГБТИ-организации во застапувањето на нашите права, недостиг кој се огледува во различните стратегии и пристапи користени и резултати остварени. Искрено би бил многу среќен доколку 2018 година биде наша година – година кога Македонија ќе фати чекор заедно со останатите земји во регионот, и во поглед на правната рамка за заштита на ЛГБТИ-правата, и во поглед на зајакнатата јавна поддршка на нашата борба. По повеќе од деценија активизам за ЛГБТИ-права во нашата земја, мислам дека тоа конечно и го заслужуваме.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.