Изборот и именувањето на изборната администрација во општинските изборни комисии се врши врз утврдена методологија и врз основа на податоци кои ги добиваме од Министерството за информатичко општество, вели претседателот на Државната изборна комисија Александар Чичаковски по обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека имало претседатели на општински изборни комисии кои вршеле теренски партиски активности.
Тој наведе дека комисијата ја имплементирала востановената методологија, како и дека извршила надополнување на членовите на општинските изборни комисии на кои по различна основа им престанал мандатот. Чичаковски додава дека сите забележани случаи треба да бидат документирани и доставени до ДИК за да може да постапи во најкраток рок и дополни дека до сега не се пристигнати приговори и забелешки.
„Може да истакнам дека целосно беа испочитувани законските одредби во однос на овој дел. Доколку има одредени забелешки во однос на пристрасност на постапувањето, истите треба да бидат документирани и доставени до ДИК за да може соодветно да постапиме. До моментот не се пристигнати приговори и забелешки од ваков тип“, изјави претседателот на ДИК Александар Чичаковски, кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Тој потсети дека и во минатото до ДИК имало вакви забелешки и оти до комисијата пристигнувале приговори кои соодветно биле адресирани.
Неговиот коментар дојде по обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека дел од Комисијата работи во интерес на партијата на власт, наведувајќи дека имало претседатели на општински изборни комисии кои биле во првите редови на митинзи на СДСМ.
Од оваа партија денеска излегоа со нови обвинувања посочувајќи дека генералниот секретар на ДИК, Добре Јанчев, е сопруг на советничка која е втора на листата на СДСМ, и наведоа дека бараат тој да биде разрешен.
Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ исто така побара да бидат разрешени и претседателите на општинските изборни комисии од Кратово и од Кисела Вода, повторувајќи ги укажувањата дека тие биле на партиска конвенција, односно оти имало фотографии во медиумите на кои се гледа како вршат партиски активности. На прашање дали партијата доставила приговори до Комисијата, Стаменковска рече дека јавноста ги видела овие лица и оти ДИК треба да постапи по службена должност. Таа дополни дека ако е потребно ВМРО-ДПМНЕ ќе испрати и приговор до ДИК.
Поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски појаснува дека претседатели и членови на општинските изборни комисии се избираат од редот на државни службеници.
„Тоа е методологија утврдена од ДИК и е во примена од 2006 година кога комисијата се професионализираше“, вели Новаковски.
Тој укажува дека ако имало реакции, ДИК треба да провери дали е тоа вистина или не, за да не се наруши довербата во изборниот процес во таа одредена општина.
„Можеби не е точно, тие се мали градови може имало случајна средба и некој сликал. Кандидатите се растрчани секаде. Но, мојот став е дека ДИК мора да провери дали се работи за кампања или случајна средба. ДИК има право да го провери тоа и не треба да чека официјален приговор“, вели Новаковски.
Инаку, согласно изборниот законик, членовите на општинските изборни комисии, со оглед дека се дел од изборен орган, немаат право да учествуваат во кампања. ДИК може некого да разреши по службена должност ако утврди дека учествувал во кампања.