Творечките енергии на Демниевска во Чифте амам

Изложба на Евгенија Демниевска.

Шеесеттина уметнички дела кои го прикажуваат нејзиниот творечки пат од самите почетоци до денешни дни ја чинат мини ретроспективната изложба „Метаморфози на линијата“ на Евгенија Демниевска, што од 5 до 29 октомври ќе се одржи во Чифте Амам. Станува збор за безмалку тригодишен проект на Националната галерија на Македонија и за прво вакво поголемо претставување на македонската уметница со интернационална кариера во родниот град.

Македонската уметница Евгенија Демниевска која веќе три децении живее во Париз, Франција, во пресрет на отворањето на својата мини ретроспективна изложба насловена „Метаморфози на линијата“, на 5 октомври во 19 часот во Националната галерија на Македонија, во Чифте Амам, на шега забележува дека „просторот е толку убав, дури преубав сам за себе, што воопшто и не му треба изложба“. Вели дека тука изложба тешко се поставува и дека самата километри и километри поминала низ него за да конечно и се приближи на таквата убавина и на монументалноста. Дополнува дека се труделе колку што можат да ја испочитуваат архитектурата и со нејзиниот „скромен придонес како уметница да ја стокмат изложбата“.

А, „Метаморфози на линијата“, со одбирот на безмалку шеесеттината дела (слики, цртежи, графики, инсталации, видео арт, звучни инсталации...) кои го прикажуваат нејзиниот творечки пат од самите почетоци до денешни дни, како што истакнува кураторката на проектот Ана Франговска, е всушност „ретка можност да ја видиме Евгенија Демниевска во Македонија, иако нејзиното потекло е од тука и врши голем импакт врз нејзиниот ликовен израз“.

„Евгенија Демниевска е македонска уметница која долг низ години живее надвор од границите на нашата земја, но никогаш не го заборавила своето потекло. Иако „номад“ (и во буквална и во индиректна смисла, во творештвото), целиот свој живот, повторно се враќа во Македонија, од каде се полни со духовна храна и каде одвреме навреме ги презентира своите нови визуелни сознанија“, вели Франговска.

Кураторката дополнува дека насловот на поставката е „Метаморфози на линијата“ и дека од него веднаш можеме да извлечеме дека клучниот двигател на творештвото на Демниевска е линијата иако таа е видена низ многу различни форми, фази, стилови и пристапи и во директна и во индиректна смисла.

Прес конференција за изложбата.

​А, уметницата, пак, говорејќи за спецификите на сопствениот опус низ различни периоди од животот, знае да каже дека она што таа го работи „честопати не е видливо“.

„Јас се бавам со енергија. Со една енергија која треба да даде таков амбиент да луѓето се чувствуваат добро и во исто време прват и визуелна промена. Во еден миг и самите да станат еден вид на пердорманс“, вели Демниевска.

Родена 1946 година во Скопје, Евгенија Демниевска дипломирала на Академијата во Белград. Во раните осумдесетти се вклучува во активностите на тамошниот уметнички круг и во новата уметничка практика, каде што дејствува заедно со Раша Теодосиевиќ, Марина Абрамовиќ, Душан Оташевиќ, Радомир Дамјановиќ - Дамјан, Бојан Бем, Зоран Поповиќ, Бора Иљовски и други. Оваа генерација ги започнува промени на тогашната југословенска сцена, со воведување нови уметнички практики и жанрови, како инсталација, фотографија, перформанс, боди-арт итн.

Потем Евгенија од Белград заминува на постдипломски студии во Јапонија, каде живела четири пет години и каде се стекнува со диплома магистер по уметност и се запознава со источната филозофија, со сите предизвици на јинг и јанг, на каратето како боречка вештина...Еден период патувала и творела насекаде во светот, а во последниве три децении живее во Франција.

За Демниевска е значајно што е е плодна уметница која била актуелна во секој временски период и во секој уметнички круг каде творела, од белградскиот уметнички круг, преку јапонскиот ликовен спектрум, француската актуелна сцена...и конечно македонската современа иако тука најмлаку црпела знаење, влијанија, искуства, референци. Згора на тоа она по што ќе биде секогаш препознаена е тоа што е ретка авторка, од нејзината генерација ликовни творци, која рано почнала да се занимава (и сеуште се занимава) со новите техничко-технолошки помагала, со интернетот, факсот.

„Зависно од идејата го барам медиумот. Ако ми е позгодно на видео, тогаш правам видео. Ако е поддобро со анимација, одам со анимација. Ако ми треба за учество на луѓе коишто се на други простори, во други градови, го користам интернетот. Во зависност од идејата. Ако се справувам некој проблем кој сама можам да го решам тогаш користам техники како сликарството, цртежот...Доста цртам. Цртежот сега го сметам за „гимнастика“ на духот. Пред да почнам да сликам јас цртам“, појаснува Демниевска.

На прашањето зошто долго ја нема во Македонија иако често, главно преку летото си доаѓа дома, уметницата истакнува дека тоа не зависи од неа. Дека едноставно досега и не била поканета вистински да дојде и да го претстави своето творештво.

„Јас честопати одбивам покани за изложби, но никогаш од Македонија. Само работата е што тие досега не стигнуваа до мене во последниве 30 години. Со едно мало дело бев на биеналната изложба на хартија на Остен, потем со Климе Коробар направивме еден интернет и телефакс проект во Музеј на град Скопје кој го поврза градот со Будимпешта и Париз...ама тоа беше пред скоро две децении...се сеќавам дека добра деценија пред тоа учествував и на ретроспективната изложба на Кочо Фидановски и Симон Шемов во Музеј на современа уметност...и тоа би било тоа“, вели Демниевска.