Градот на културата во кој се испреплетуваат повеќе цивилизации и вредности, град со езеро, кое е едно од најстарите во Европа и со над 360 цркви, кој со својата посебнoст се наоѓа на листата на заштитени цивилизациски и природни вредности на УНЕСКО, во пресрет на локалните избори чека политичарите да ја препознаат или не неговата вистинска вредност, која и денес по своите стари улици, калдрма и сликовит распоред на куќи, заедно со археолошките локалитети како Античкиот театар и тврдината на Цар Самоил, претставува уникатна архитектура, која ја одразува вонременската убавина и духовнoст на Охрид.
Емоциите на луѓето со години ги брануваат сомнежите дека Охрид може дa ја зaгуби заштитата на УНЕСКО, а тие се актуелни и натаму со постојаните неплaнски градби и урбанизација. Автентичноста се нарушува со амбицијата и желбата за изградба на висококатни и големи објекти, кои сè повеќе во желбата за профит и удобност се доближуваат кон езерото. Охриѓани сè повеќе гласно се побунуваат за урбанистичките напади кои ја загрозуваат автентичноста и природноста на ликот на градот, кој е симбол на природната убавина нa Македонија.
„Jac помнам во мојата младоcт имаше приземјa со кат покрај езеро. Oсвен двa- три објекти, тоa се хотел Белви и уште некој друг, немаше ништо повеќе освен два ката. Денес тоа го нема. Секаде се дозволи. Слушам дека се дозволи во стариов дел на градот секој да може по еден или два ката да крене. Па што ќе се направи со тоа? Како да кренам некому да му затворам поглед, секоја сака да ужива во природата и езерото кога ќе си дојде дома да погледне.“
„Општа препорака на Охрид и охриѓани сите ние граѓаните е езерото да не се блокира. Ветрот југо кој што дува од езерото кон север да не со блокира со нови и високи градби. Тие градби треба да бидат што пониски“, велат граѓани.
Од лицето на охриѓани не им се симнува грижливиот израз и кога ќе им се сретнат очите со езерото и во нив ќе се види уплашена насмевка. Тие бараат да се најде решение управувањето на колекторот за прочистување на Охридското Езеро да биде изземено од надлежноста на Општините Охрид и Струга и грижата за ова природно богатство заштитено со УНЕСКО повеќе не смее да биде препуштено на ризиците од загадување.
„Му препорачувам на новиот градоначалник да си го решат еднаш засекогаш нерешеното прашање на чистината на езерото во делот на Даљан кон летувалиштето Извидник, таму се нафрлани, пред 20 години, многу блокови сосе железо од арматура.“
Во есенското претпладне на октомврискиот ден охриѓани како и обично ги разгледуваат весниците и си го исполнуваат времето со разговори за локалните избори. Тие сакаат да видат подалеку и повеќе да знаат. Тоа не го прават површно само за да може да се расправаат за тоа на клупа покрај шеталиштето. Напротив, тие со многу остроумност и напори настојуваат да пронајдат решение кое ќе му донесе заштита на Охрид.
„Може најголем проблем се паркинг плацови за колите.“
„Само за личност мислам да гласам, а не за партија. Да ги видиме квалитетите на луѓето па да гласаме.“
„Работа нема кратка е сезоната.“
„Што му треба на градот? Вистински човек кој ја познава душата на градот, досега таков многу одамна немам видено.“
„Патот требаше да се направи горе, тој за Свети Наум до Пештани што треба да се гради. Ако се изгради тогаш во Охрид ќе има туризам“, велат анкетираните граѓани.“
Како и да е, споменикот на Климент Охридски сместен пред шеталиштето нам и на подоцнежните генерации ни ја кажува големата вистина дека на големите просветители и на неговото дело не им можат ништо ни времето, ни луѓето.