Последните подготовки во куќата на Заидуло Худојоров во јужен Таџикистан беа во полн ек. Семејството се спремаше за прославата на бракот на неговата најстара ќерка.
Само неколку часа пред почетокот на забавата, група локални претставници упаднаа во неговиот дом и конфискуваа поголем дел од храната што семејството ја подготви за прославата.
Официјалните претставници сметаат дека количеството на храна е „расипништво“ и во спротивност со новите измени на законот кој регулира колку семејствата може да потрошат за свадби, погреби и други приватни прослави.
„Успеавме да спречиме кршење на законот во селото“, изјави Холмурод Иброхимов, локален претставник кој учествуваше во рацијата во Дахана, предградие на Кулоб на 26 август годинава.
„За време на рацијата утврдивме дека семејството подготвило непотребно количество храна, како што се лепчиња и алва за прославата во куќата на младоженецот. Ја запленивме храната и ја предадовме во психијатриската болница во Кулоб“, вели Иброхимов.
Тој исто така посочува дека цената на храната не е во согласност со приходите на „осиромашеното“ семејство.
Можеби ќе ве интересира: Таџикистанскиот претседател во улога на стројник
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Законот, локално познат како „танзим“ или „регулатива“, беше првично донесен во 2007 година, откако претседателот Емомали Рахмон рече дека цената на традиционалните раскошни свадби и погреби им создава финансиски тешкотии на семејствата во оваа сиромашна централноазиска држава.
Домаќинот Худојаров, кој е 44-годишен татко на седум деца, живее од нередовните приходи од сезонска работа и од продажба на зеленчукот што го одгледува. Вели дека им кажал на жена му и на другите женски роднини да не подготвуваат храна, која според обичајот, се испраќа во семејството на младоженецот пред веселбата, но оти не го послушале. Му олеснало што ја избегнал потенцијално високата казна за кршење на законот за регулирање на приватните прослави.
Законот предвидува парична казна од 4.000 долари за прекршителите и околу 5.700 долари за повторителите. Владата смета дека високите казни се направени за да ги обесхрабрат луѓето да ризикуваат да го прекршат законот во земјата во која платата на наставниците и другите јавни службеници е околу 150 долари.
Кон крајот на август, таџикистанскиот парламент донесе амандмани со кои се воведуваат нови забрани и ограничувања. Според измените, владините службеници може да бидат избркани од работа ако тие или членови на нивното потесно семејство го кршат законот и приредуваат раскошни забави. Исто така се забрануваат големи прослави за некои традиционални собирања, како што е прославата за давање име на бебе, првото стрижење на дете или правење сунет.
Наместо тоа, семејствата се охрабруваат да отворат банкарски сметки за своите деца и да ги трошат партите за нивните потреби или за образование.
Измените исто така строго ги забрануваат раскошните гозби за погреби и парастоси за да се ослободат семејствата од финансиското оптоварување.
И покрај нискиот животен стандард и големата невработеност, Таџикистанците често приредуваат екстравагантни свадби коишто едвај можат да си ги дозволат. Семејствата често штедат со години, а мажите одат на печалба, да се соберат пари за свадба.
Рахмон минатиот месец им нареди на локалните функционери да им ја објаснат „регулативата“ на граѓаните и да поделат копии од законот во секој дом за да се искорени оваа традиција.
Худојаров, кој ја омажи својата ќерка во Дахана, вели дека неговото искуство „ќе биде пример за сите семејства во соседството“.