Прес-службата на Владата на Република Македонија се извинува за евентуалниот пропуст при составувањето на семантичката структура на реченицата и доколку употребата на зборовите „средба“ и „настан“ предизвикала разлики во толкувањето на информацијата.
Ова е одговорот од Владата на прашањето на Радио Слободна Европа дали утврдиле чија е грешката за пропустот во владиното соопштение насловено „премиерот Заев на средбата со претседателот на САД, Трамп во Њујорк“ испратено на 18 септември. По него во јавноста се создадоа нејасностии дали воопшто имало средба или пак се работело само за кратко ракување на двајцата политичари.
Во владиното соопштение од вторникот се наведуваше дека „претседателот на Владата посетата на Њујорк ја почнал со присуство на настан организиран од претседателот на САД“, а дека „на средбата со претседателот Трамп изразил поддршка за неговата иницијатива преку Декларација да се поддржат реформите предложени од генералниот секретар на ОН“.
Но, подоцна на снимката од настанот се гледа како двајцата се поздравуваат многу кратко, по што и се отвори дискусијата дали постои манипулација.
„Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев беше еден од учесниците на тој настан заедно со голем број претставници на влади од други земји, дипломати и претставници на ООН. Фотографијата на која се остварува неформална средба и се ракуваат премиерот Зоран Заев и претседателот на САД, Доналд Трамп е направена на крајот на настанот за кој зборуваме“, дообјаснуваат од владиниот сектор за односи со јавноста.
Јавноста беше ставена во заблуда дека имало кратка средба на која биле разменети протоколарни разговори, вели Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии. Но, таа се надева оти е направена ненамерна грешка бидејќи, како што вели, во овие сто дена владата покажала нов тип на комуникација со јавноста.
Имаат и пропусти, додава Трајкоска, нагласувајќи дека според неа минус е тоа што луѓето кои работат во секторот за комуникации со јавноста си земале за право на нивните лични профили на социјалните мрежи дури и како што вели, да навредуваат одредени граѓани кои имаат поинаков или критички став кон одредени политики на оваа влада.
„Позитивно сметам дека е начинот на кој се комуницира односно обидите да се воспостави отворена комуникација на владата и на владините институции со јавноста па можеме да видиме некој нов начин на комуникација, информирање за секоја владина седница, а она што е најзначајно е во овие сто дена е тоа што премиерот Заев и другите владини функционери седнуваат на телевизиски дебати со повеќе новинари и други претставници на граѓанското општество“, вели Трајкоска.
Инаку, во јавноста и претходно се случуваше површни контакти на македонските политичари, пред се со американски претседатели да бидат претставувани како важна работа. На ниво на анегдота прерасна изјавата на претседателот Ѓорге Иванов дека во САД се сретнал со тогашниот потпретседател Џо Бајден, а дека со претседателот Барак Обама, како што рече, се поздравиле со намигнување. На ваквите изјави се гледаше со потсмев и беа критикувани од тогашната опозиција.