Жените ни се вишок

Соња Стојадиновиќ, магистар по меѓународна политика.

Жените служат за политички перјаници и фалење пред избори, а после изборите некако нивните желби и присуство бодат очи на мачо мажињата кои не можат да излезат од матрицата дека жените се за дома, а мажите за во политика, пишува политикологот Соња Стојадиновиќ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Секој изборен циклус во Македонија е нов циркус. Се ветуваат кули и градови, додека канализацијата ни е мисловна именка, а луѓето стравуваат од поголеми дождови. Жива среќа што кај нас не удираат елементарни непогоди од типот на Харви, Ирма или последниот ураган Марија, ќе се исподавевме како глувци. Но, сè уште поважно е да се донираат пари за цркви и останати слично непотребни здaнија, додека само 18 проценти од населението има канализација. Ако навистина е таква ситуацијата, тогаш редно е да се подготвиме сите гласачи и на готовс да бидеме пред гласањето на локалните избори. Кој нуди канализација, за тој да гласаме, затоа што следниот дожд и ќе влеземе во аналите на елементарните непогоди како една од ретките држави што се удавила во сопствената непостојна канализација.

Сепак, како и секогаш во библиска Македонија, елементарните услови за создавање на нормални општества се занемарени наспроти бројот на жените во системот. Жените служат за политички перјаници и фалење пред избори, а после изборите некако нивните желби и присуство бодат очи на мачо мажињата кои не можат да излезат од матрицата дека жените се за дома, а мажите за во политика.

Последен случај каде што жените, пак, по кој знае кој пат беа „проблем“ е листата со кандидати за советници на партијата Левица за општина Ѓорче Петров. Изборните правила налагаат листите да немаат помалку од 40 отсто и не повеќе од 60 отсто жени кандидати. Ова не повеќе од 60 отсто поставува прашање: зошто кога имаме минимум да имаме и максимум граница за кандидирање на жени?

Во период кога општеството е дерогирано и голем дел од оние права кои нашите баби си ги изборија во Втората светска војна, а сега ни ги одзедоа, ограничувањето за кандидирање на жени директно влегува во категорија каде што ни го ставија и правото на абортус.

Рамноправноста на мажите и жените во Македонија е на ниво каде патријархалната матрица поставува леќи низ кои квалитетот на една индивидуа прво се гледа од аспект на полот, а дури потоа предвид се земаат образованието и работното искуство. Затоа ограничувањето за 60 отсто жени кандидати треба да се отфрли и да остане минимумот од 40 отсто. Од друга страна многу ќе го постават прашањето: па јас сакам да ми бидат само мажи кандидати на листите, аплицирајќи го до ген имплементираниот патријархат. Да, сите сакаме по нешто, сакам и јас сите кандидати на листите да бидат жени, но и тука законот ми става ограничување. Мажите не се покажаа последниве 20 години, затоа сметам дека крајно време е на сцена да стапат жените, и тоа масовно.

Да не заборавиме уште еден момент каде што жената пак е ограничена, наспроти желбите и фантазиите на „милите“ ни политичари. Кукњави и плачки со празни ветувања слушаме насекаде за белата чума и иселувањето на работоспособното население. Но, 9 месеци породилно боледување им се многу на нашите работодавачи, а трудницата им е трн во око. Затоа што жената мора да се мултиплицира, да дои додека чисти, спрема за ручек и работи во конфекција. И не е ова случај само во конфекциите, не се ретки ваквите моменти на губење на работно место во месеци на видлива бременост и добиен отказ под крајно сомнителни услови во целиот приватен сектор.

Кога новава влада можеше да го реши проблемот со минималната плата, крајно време е да ги заостри мерките за казнување на работодавачи кои отпуштаат бремени жени. Посебно сега имаат шанса да им излезат во пресрет на Иницијативата 450 која собира потписи за промена на законот кој го регулира породилното боледување.

Ако сакаме здраво поколение, да ја заштитиме жената и да го зголемиме боледувањето на 18 месеци. Калкулантите од страна на неолибералите кои ги гледаат работниците само како потрошна, лесно заменлива работна сила ќе вриснат дека товарот ќе падне на грбот на работодавачот.

Да, ќе падне, но што е поважно, профитот или здравјето на жената и на идните поколенија? Само да наведам еден факт: во Белорусија каде што со децении владее Лукашенко, породилното боледување е три години. Првата година родилката добива 90 отсто од платата додека за останатите две, по 70% отсто. Џејмс Браун во песната It’s a man’s world вели дека ова е свет на мажот, но тој е ништо без жена или девојка. Едно големо ништо.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.