Најмногу коментари за прославата на независноста и за најавите за членство во НАТО

Централна прослава по повод 8 Септември - Денот на независноста на Република Македонија

Разочараност од 26-годишната транзиција и недоверба во политичарите може да се прочита од коментарите на нашите читатели. Најкоментирани теми се изјавата на премиерот Зоран Заев дека е можно Македонија наесен да стане членка на НАТО и прославата на независноста.

Судејќи по коментарите на Фејсбук страницата на Радио Слободна Европа за изјавата на премиерот Зоран Заев дека се реални шансите Македонија наесен да стане членка на НАТО, граѓаните многу малку ако не и воопшто не им веруваат на политичарите. И се разочарани од 26-те години независност и, според многумина, стоењето во место.

Арбен Зуко прашува што ќе ни се НАТО и Европа, „да нè командуваат, средете ја економијата, овде милион и пол народ гладува, доста веќе со НАТО, банално е, нас ни треба економија“, а Силвестер Ќосев постирал: „Пак ли истиот популизам од кој едвај се отарасивме?“ и му препорачува на премиерот да се фокусира на „дневните милион проблеми. Батали сега тортата со јагоди, почни со црниот леб.“ Сафет Јакупи и со шега: „На есен се прави туршија, не се влага во НАТО“, а Зоран Урош заборава дека нашево Радио само информира за настани и пренесува изјави, па постирал: „Радио п....а Европа никој не ве есапи, марш со лагите!“

Лазо Станчев коментирал со разочарување: „Кога Македонија тргна по патот бев 22-годишно момче, полно со амбиции, надеж и верба, сега сум 47-годишен маж без никакви амбиции, надеж и верба и ја чекам Светлината за да почне стартот кој сè уште стагнира.“ Тина Поп-Христова како да му одговара: „Има многу ВМР-ОВЦИ на патот“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Прослава за 26-годишнина од самостојноста на Македонија

Има уште многу коментари по информациите за прославата на 8 Септември пред Владата, но полни со говор на омраза и подбив. Горан Петковски забележува дека „повеќе народ се собрал на свадбата на синот на Амди Бајрам“, но за Софија Бундалевска се собрал „многу убав народ и убави луѓе, кои навистина дојдоа да си ја прослават годишнината од независноста на својата земја со љубов кон неа“. Ајриш Беќировски постирал: „ВМРО-ДРПМНЕ 11 години крадеа и сега ќе коментирале, и само рекламираа за да не се гледа како ја пљачкаат Македонија“.

На нашата Фејсбук страница има и повеќе реакции по неделното интервју со министерот за здравство Арбен Таравари, во кои граѓаните му препорачуваат да си продолжи со својата професија лекар зашто така најмногу ќе ѝ помогне на државата и да не се занимава со политика. А Ристе Митковски реагира за несериозноста на Владата, како што вели, „по само 100 дена министерот заминува. Ништо не направи освен двојазични табли што постави, а на новиот министер ќе му требаат нови 100 дена додека се прилагоди...“ Ситизен Скопје смета дека „прешалтувањето сигурно е партиска наредба, Села паѓајќи во негова сенка сака да го тргне на помалку ’прометно‘ место“.