Русија демонстрира моќ на границите со ЕУ и НАТО

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

НАТО вознемирен од руската воена вежба

Русија и Белорусија се подготвуваат за заедничките воени вежби кои почнуваат на 14 септември. Во меѓувреме Франција и Германија ги осудија вежбите и порачаа дека тие се со цел Русија да ја покаже воената моќ на границите на НАТО и на ЕУ.

Германскиот и францускиот министер за одбрана ги критикуваа претстојните воени вежби на Русија со Белорусија, изјавувајќи дека Москва бара начин да ја демонстрира воената моќ на границите на ЕУ и на НАТО.

„Особено важно во тој контекст е да го реафирмираме нашето присуство во балтичките земји пред оваа демонстрација која ја прават Русите и која претставува стратегија на заплашување“, изјави француската министерка за одбрана, Флоренс Парли.

Парли ја даде изјавата на заедничката прес конференција со германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен на маргините на неформалната средба на министрите за одбрана на ЕУ во главиот град на Естонија, Талин.

Согласно правилата на ОБСЕ земјите кои спроведуваат вежби со повеќе од 13 илјади војници треба претходно да ги известат другите нации. На вежбите на Русија и Белорусија „Запад 2017“ кои ќе се одржат од 14 до 20 септември, според Москва, ќе учествуваат 12 700 војници.

Но, според западните воени претставни и експерти вистинската бројка може да биде поголема, односно 100 илјади војници би биле дел од вежбите.

„Неспорно е дека гледаме демонстрација на способноста и моќта на Русите. Секој кој се сомнева, треба да ја види високата бројка на силите што учествуваат во вежбите „Запад“, која е повеќе од 100 илјади, рече германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен.

НАТО соопшти дека ќе испрати тројца експерти на заедничките воени вежби на Русија и Белорусија „Запад 2017“. Алијансата неколку пати го повтори својот повик двете земји да дозволат потемелно набљудување на вежбите.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на 6 септември изјави дека тој не гледа непосредна закана од воените вежби, но потенцира дека отвореноста на Русија за нив не е во согласност со меѓународните стандарди.

„Ние ќе ги набљудуваме активностите одблиску, внимателни сме, но и смирени, бидејќи не гледаме непосредна закана против било кој сојузник на НАТО, изјави Столтенберг за време на посетата на контигент на НАТО во Тапа, Естонија.

Русија тврди дека загриженсота на Западот за вежбите е неоснована, наведувајќи дека воените вежби се чисто одбранбени и не претставуваат закана за соседните земји, НАТО или Западот.

Русија ги одржува вежбите Запад на секои 4 години, ротирајќи ги во три различни делови на земјата.

Белорусија граничи со земјите членки на НАТО, Полска, Литванија и Летонија, како и Украина. Регионот каде ќе се одржат вежбите исто така ја вклучува и руската енклава Калининград, која се наоѓа меѓу Полска и Литванија на Балтичкото море.

Руските воени акции во Украина ја зголемија загриженоста околу намерите на Москва во членките на НАТО, особено поранешните Советски републики или земјите од Варшавскиот пакт.

Русија го окупираше и изврши анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година и ги поддржува сепаратистите во конфликтот во источна Украина во борбите против владините сили во кои загинаа над 10 илјади луѓе.

Таквите акции го поттикнаа НАТО да ја зајакне одбраната на истокот со распоредување на четири мултинационални борбени групи во три балтички земји и Полска, во кои се вклучени околу 4500 војници.

Парли посочи дека нивното распоредување е јасен сигнал дека балтичките земји и Полска се покриени од НАТО алијансата.