Господине Таравари, не дочекавте да ги видите првите резултати кои на 15 овој месец требаше да ви ги презентираат новите директори на клиниките на кои им дадовте тримесечен план со задачи. Дали вашиот наследник ќе добие партиска задача да ги следи вашите обиди за реформи?
Точно е дека нема да стигнам да ги видам првите резултати од тримесечното работење на директорите, меѓутоа јас мислам дека во Министерството ќе има континуитет и за тоа гарантирам, и во здравствените политики и во идеите што јас ги почнав во првите 100 дена, така што, кој било да е мој наследник, јас се надевам дека тој ќе продолжи по истиот пат, ќе се трасираат и ќе се очекуваат истите резултати коишто јас ги почнав во првите 100 дена, така што граѓаните нема да почувствуваат дека има некаква промена, само личноста ќе биде друга.
Пред помалку од еден месец на прес-конференција тврдевте дека нема да се кандидирате за градоначалник за само преку ноќ да се премислите поради партиските проценки на вашиот рејтинг. Зошто сега гостиварци да ви веруваат и да гласаат за вас?
Точно така, ние дури и промовиравме друг кандидат чиешто име веќе се знаеше во јавноста во Гостивар и до последен момент, односно до неделата беше тоа име. Во меѓувреме ние преговаравме со одредени други албански партии за како партија да имаме неколку градоначалнички места. Бидејќи сме релативно нова партија, јас сум претставник во ова министерство на таа партија и ако нашата партија не добие ниедно градоначалничко место, каков кредибилитет би имал Арбен Таравари како министер од Алијансата на Албанците да продолжи во владата и каква тежина ќе има. Ние направивме проценки според одредени сондажи, одредени анкети за рејтинг и видовме дека доколку не направиме соработка со ниедна друга партија, единствениот којшто е над господинот Бејта сум јас. Мислам дека оваа одлука е релативно добра, затоа што ако гледаме долгорочно, нам како партија ни е многу битно на овие избори да пораснеме како партија, да не останеме на 36 илјади гласови, туку да одиме, нашите тенденции се за над 50 илјади гласови. Дали ќе ми веруваат граѓаните на Гостивар, јас имам 45 години и таму живеам 45 години. Секое семејство ќе каже дека се чесни, меѓутоа моето е меѓу подобрите семејства во Гостивар. На крајот на краиштата, јас никогаш не сум излегол во Гостивар да барам гласови. Сега е моментот да видам колку тежам и вредам во мојот град. Ако тие ми веруваат и ми дадат гласови, ќе знам дека вредам во политиката. Ако не ми дадат гласови и мислат дека не треба да продолжам во политиката, јас си имам златен занает, невролог, релативно добар, не најдобар, ќе си ја продолжам мојата работа, ќе си го продолжам животот со семејството, на кое му недостигам во последните месеци, па и години откако сум во политиката.
Изминатата година бројот на мртвородени бебиња изнесува 193 а бројот на починати доенчиња или бебиња кои не доживеале првиот роденден изнесува 273. Тоа се речиси 500 ужалени родители за една година. Бројките се слични или за нијанса помали во текот на изминатите години. Дали министерството во овие сто дена се обиде да направи анализа за причините за смртноста бебињата?
Не само министерството, туку и пред јас да дојдам за министер имаше комисија која требаше да ги разгледува овие случаи и да направи одреден акциски план, меѓутоа за жал таа комисија не се имаше сретнато скоро две години. Сега направивме нова комисија која ќе се занимава само со смртта на доенчиња. Комисијата ќе даде одреден акциски план, кој Министерството ќе треба да го спроведе, сè со цел до 2021 година да имаме како предизвик да ја намалиме смртта на доенчињата до 20 отсто. Не само Министерството, туку и повеќе невладини организации во Македонија ни стојат на располагање за ова, бидејќи еден од индикаторите кој кажува колку е добра и стабилна здравствената политика во една држава е смртноста на доенчињата. Комисијата веќе е назначена, тие што поскоро треба да дадат одредени чекори и мерки што треба да ги преземеме ние како администрација за да ја достигнеме таа цел, да ја намалиме смртта на доенчињата за 20 отсто за четири години.
Тоа значи дека нема индиции, ниту основни информации за причините за смртноста на доенчињата.
Клиниката за гинекологија има капацитет за раѓање на 3.500 деца годишно, а таму се раѓаат, ми се чини, над 4.000 деца годишно. Интензивна нега за новороденчиња имаме само во Скопје и никаде на друго место. Ако не направиме нови капацитети, нормално ќе ни се случуваат такви работи. Значи долгорочно треба да размислуваме за одредени стратешки работи кои би ја превенирале оваа состојба. Нема магично стапче со кое кој било министер за една година ќе најде начин да ја реши смртноста на доенчињата. Ако не почнеме да размислуваме, барем во Штип и во Тетово, барем во два града, да има интензивна нега за новороденчиња, ништо не сме направиле. И приватните клиники и болници, кога ќе им се искомплицираат случаите, ги испраќаат на клиника каде што има капацитет толку колку што има и не можат тие да се справат со цифри коишто се огромни, ќе мора и ова да се децентрализира, да се инвестира во следниот период и во апарати, меѓутоа и во кадри.
Целото интервју со министерот за здравство во заминување, Арбен Таравари, може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.