На самомислечко Скопје, во деновите од претстојниот празничен викенд, од 8 до 10 септември, ќе му се случи второто издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“, чија тема овојпат е насловена „Слобода, сон, љубов“.
Станува збор, како што знаат да кажат неговите потписници – група на на македонски творци, за книжевен фестивал за мали фикции што се основаше минатата 2016 година кога едноставно кај нив „зоврела потребата од друга приказна во политиката, културата и во целото општество“.
Од таму меѓу поважните цели на фестивалот се популаризација на книжевноста; преиспитување на улогата на книжевноста во општеството; преиспитување на жанровските граници, на релациите меѓу „популарното“ и „елитното“, „високото“ и „ниското“, ангажираното и ескапистичкото; преиспитување на улогата на писателот во новите локални и глобални контексти; осмислување и практикување на нови стратегии за културни поврзувања и локално и регионално и глобално; вмрежување на македонските автори и искуства во регионален контекст; збогатување на скопската културна понуда... Кон ова само уште појаснувањето дека поднасловот на фестивалот, „Мали фикции“, значи дека за нив примарен интерес се малите книжевни форми, згодни за јавно и сценско споделување. Но, како што забележуваат, тука се и хибридните книжевни форми, местата каде што книжевноста се среќава со музиката, графиката, медиумите, естрадата, теоријата...
„Важно ни е да понудиме содржини кои нема да бидат конвенционални, туку ќе отстапуваат од одредени досегашни практики и навики на книжевните настани. Впрочем, дел од програмата на фестивалот има и забавна димензија, а тука пред сѐ мислам на борбата со едноминутни новели „Овде паѓаат крупни зборови“, која планираме да ја претвориме во традиција, вели писателот Иван Шопов.
Тој заедно со Оливера Ќорвезироска, Ивана Галапчева и Искра Гешоска е во Одборот на фестивалот „Друга приказна“ со кој, пак, како претседател раководи Никола Гелевски.
Инаку, минатата година лауреат на манифестацијата беше познатиот српски и светски писател Давид Албахари, при што беа промовирани неговото концептуално книжуле со 16 флеш раскази „Стар сум во Скопје“ и сетот поштенски картички „Десет лизарчиња од Давид Албахари“, а беше прикажан и читириесет минутниот документарец за неговиот живот и творештво.
Годинава таа чест ќе му биде укажана на Влада Урошевиќ, еден од најзначајните македонски поети, раскажувач, романсиер, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач. За своето творештво тој е повеќекратен добитник на многу значајни награди и општествени признанија како „Браќа Миладиновци“, „Глигор Прличев“, „Рациновото признание“, „Кирил Пејчиновиќ Тетоец“, „Стале Попов“ и други.
А, кога сме веќе кај содржините на вториот „Друга приказна“, итересно е да се спомене дека на него овојпат се очекуваат десетина бележити гости од странство како словенечкиот поет и историчар на уметност Миклавж Комељ, босанско-херцеговскиот книжевник, филмски критичар,сценарист и автор на документарни филмови Неџат Ибрахимовиќ, Томислав Вречар, поет и перформер од Словенија, неговата сонародничка и исто така писателка и перформерка Уршка Стерле, риечката писателка Теа Тулиќ, Јасна Жмак – драматург, сценаристка и авторка на кратки приказни од Загреб, Дејан Илиќ - уредник во белградската издавачка куќа „Фабрика књига“ и на магазинот „Реч“, Вуле Журиќ – писател и автор на бројни радио-драми и филмски сценарија и српскиот поет и есеист Петар Матовиќ.
Во рамки на фестивалот, кој сега ќе се одвива на тема „Слобода, сон, љубов“, ќе се одржат повеќе читања, дискусии („Уметноста и револуцијата“ - разговор во кој е планирано да учествуваат и Роберт Алаѓозовски, Сафет Ахмети, Владимир Јанчевски, Елизабета Шелева...), промоции на книги (од кои треба да се спомнат онаа на едицијата „Друга приказна“ и „Огнен Чемерски 1974 – 2017“ - каде ќе говорат Румена Бужаровска и Славчо Димитров), работилница за креативно пишување, концерти на Томислав Вречар, Ненад Тонкин и Љупа Ангелов, а по вторпат ќе се обистини и натпреварот со едноминутни новели „Овде паѓаат крупни зборови“, во кој под модераторство на Биљана Гинова и Ѓоко Здравески, ќе ги вкрстат перата и сопствениот артизам 24 писатели од Македонија и од земјите во регионот.
„Очекувам темата на фестивалот, како и изборот на гости, учесници и содржини да ја привлече скопската книжевна публика, но и одредена нова публика, посетители кои можеби досега немале навика да посетуваат настани од овој тип. Развивањето и негувањето на нова публика, но и откривањето нови автори, е еден од најсериозните предизвици - впрочем, затоа и го организиравме конкурсот за микро расказ на тема „Слобода, сон, љубов“ во рамки на фестивалот“, истакнува Шопов.
А, кога сме веќе тука само уште информацијата дека од 120 пристигнати на конкурсот за микро расказ, жирито реши за најдобри да одбере 12 и тоа: Ѓорѓи Крстевски – Граѓанска војна, Тони Миленковски Космогонија, Грација Атанасовска – Без наслов, Светлана Камџијаш – Вљубен, Мира Смаќоска Танеска – Цвеќиња, Милош Б. Андоноски Конче, Сања Михајловиќ Костадиноска – Палешка, Златко Ѓелески - Дувло, Марија Ангеловска – Будење, Сашо Пшенко – Што имаме за јадење денеска? , Елизабета Баковска – Дождовите престанаа и Ѕвездан Георгиевски – Тој и таа.