Нова учебна година со стари проблеми

Средно Техничко училиште Ѓорѓи Наумов во Битола

Учениците и наставниците на почетокот на новата учебна година ќе стартуваат со старите проблеми. Јавна дебата и квалитетна анализа е потребна за нивно долгорочно решение велат и средношколците и просветните работници.

Оштетени и неквалитетни учебници, ниски плати на просветни работници, водење на два наместо еден дневник, постојани експерименти со наставна програма без консултации со родителите и наставниците, како и големи паралелки во кои нема доволно услови за водење на настава се дел од старите проблеми кои и оваа учебна година ќе им создава главоболки на учениците и наставниците во основното и средното образование. И едните и другите засега се задоволни само од укинувањето на екстерното и стопирањето на Кембриџ програмата за средното образование. Но, тоа не беа единствените проблеми кои треба да се решат. Средношколецот Бојан Јакимовски вели дека има уште отворени прашања за учениците кои ги мачат, како што е проблемот со матурата и со застарените наставни програми и учебници.

„Клучниот проблем според нас учениците е во самиот концепт на матура, треба да ни се даде поголем избор за тоа што сакаме ние да полагаме. Кои предмети сакаме да ги полагаме, затоа што секој од нас во животот ќе се насочи различно, го интересираат различни науки и различни предмети, изборот треба да биде пред се, вели Јакимовски.

Наставникот Енвер Ајдини кој е меѓу основачите на Наставничкиот пленум вели дека проблемот со учебниците е сериозен и дека е неопходно негово решавање затоа што секој почеток на учебна година, се стартува со помалку учебници, па дел од учениците се снаоѓаат со фотокопирање. Дополнително лошиот превод на дел од учебниците од македонски на албански им ја отежнува работата на наставниците и учениците.

„За жал, знам дека и учебниците од македонската настава имаат грешки и технички пропусти, но најголеми грешки има во албанската настава. Учебниците од македонски се само преведени и тоа буквално со гугл транслејт на албански и ние два пати се мачиме со истиот предмет , затоа што ако ученикот го прочита текстот нема да разбере ништо,“ вели Ајдини.

Тој додава дека законската обврска за обнова на учебниците не се почитува.

Јакимовски вели дека дополнителен проблем е застареноста на учебниците и содржината во нив.

„Прв што ми падна на памет е учебникот по географија, како и природните науки, знаме дека тие постојано се менуваат и дополнуваат но потребно е да се дополнуваат учебниците. Учебниците од кои ние учиме датираат од почетокот на овој милениум“, вели тој.

Ајдини смета дека Кембриџ програмата мора да се измени, затоа што не соодвествува со условите во кои што функционира образовниот систем.

„ Тоа е она болното во нашата држава, се носи реформа пред да се обезбедат услови за тие реформи. Се копираат проекти кои се интересни во други држави без да се консултираат со луѓето кои се вклучени во нивното спроведување“, вели Ајдини.

Тој смета дека е неопходно кога се воведуваат реформи во образование да биде консултиран основниот триаголник – наставниците, родителите и учениците со цел добивање на квалитетни реформи кои ќе бидат соодветни на условите со кои располагаат училиштата.