По минатогодишната „пресметка со заробениот дух и паланечкиот контекст“, на 12-то издание на Фестивалот за современи уметности АКТО, кое патем е планирано да се случи на 1 и 2 септември на неколку локации во Битола, во фокусот на настаните ќе биде иницијативата за ревитализирање на еден од најзначајните културни споменици во градот – Офицерскиот дом.
„Овој културен белег на градот со вековна традиција, веќе долго време е оставен на немилоста на времето, затворен за граѓаните и без соодветен третман од надлежните институции. Токму затоа, акцентот на активностите на фестивалот АКТО ќе биде ставен врз реактуелизирање на темата за потребата од заживување на Офицерскиот дом во Битола и негово враќање во функција на културата и граѓаните “, вели Јана Колева, задолжена за информирање на 12-от Фестивалот за современи уметности АКТО.
Таа дополнува дека во тој контекст, клучниот настан на ова издание на фестивалот ќе биде јавната дебата, под мотото „Каков Офицерски дом ни треба?“, која ќе се одржи на 2 септември, во дворот на овој сега запуштен и руиниран објект, со почеток во 12 часот.
На неа покрај актуелниот министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, е планирано да присуствуваат и пратеници од Собранието на РМ, претставници од локалната самоуправа, експерти за културно наследство, како и повеќе организации и индивидуалци од Битола кои низ годините се залагале за одбрана и враќање на Офицерскиот дом во функција на јавно добро. Дискусијата ќе биде од отворен карактер, па присутните гости и битолчани ќе можат да ги искажат своите ставови по прашањето пред претставниците од државните институции.
Покрај оваа силна заложба, впрочем како и во годините наназад, Фестивалот на современи уметности АКТО подготви програма со која цели да ги задоволи и најпробирливите трагачи по (суб)уметнички возбуди. Така во двата дена е планирано да се одвива разновидна програма која вклучува многу изложби, работилници за музичари, програма за деца, перформанси, концерти и диџеј настапи, кои ќе го анимираат вниманието на присутните токму во дворот на Офицерскиот дом, потоа во мезе – бар Јагода, Магаза Битола, Задруга Артикултура и кафе бар Радост.
Од таа широка програмска палета, во случајов, ги издвојуваме АКТО музичката работилница за грамофони што ќе ја раководи Диџеј Флодер и „Зоо приказна“ - перформансот на Здравко Стојмиров работен по мотиви на Едвард Олби, каде битолскиот актер се бави со дилемите „дали човекот отфрлен од општеството е мртов човек, стравот како оружје за себеуништување и дали убиецот е самиот поединец или општеството во целина“. Проектот чија ремиера беше во мај годинава ја доби наградата за театарски експеримент на Фестивалот во Враца, Бугарија.
Тука се и изложбата на квир-фотографии насловена како „Со окото на маргините“, инаку финален производ на истоимениот курс за фотографија одржан под менторство на Жарко Чулиќ, Драшко Костовски и Славчо Димитров, па изложбата на постери „Футуристички споменици од старата Југославија“ од Зоран Кардула и конечно онаа што како иницијација ја има Мал битолски Монмартр, а ќе ги обедини делата на децата и младите кои претходно ќе творат во дворот на Офицерски дом.
А, кога сме веќе кај нив убаво би било да се спомене дека таму ќе се одвива и творечка работилница , дека љубовта кон пишаниот збор ќе биде наново негувана со присуството на Библиотеката на тркала на Фондацијата „Чекор по чекор“ и дека во овие рамки ќе се реализира проектот „Децата и урбаниот простор – Да создадеме шарен Офицерски!“ чии носители се Интимен театар и Театарска школа „Фабрика за мечти“.
Од друга страна, пак, во изложбениот простор на Културниот центар Магаза при НУ Завод и Музеј Битола, од 1 до 4 септември, ќе се одвива „Совршениот уметник“, групна изложба на учесниците на истоимената дискурзивно – едукативна програма чиј куратор е Ивана Васева, а координатори/ ментори на програмата Ивана Драгшиќ, Филип Јовановски, Оливер Мусовиќ и Биљана Тануровска – Ќулавковски. Во нејзини рамки ќе се претстават Ана Јовановска, Амир Карахасан и Анастасија Пандиловска со „Para Atlas“, истражувачко – едукативен процес со продукција на уметничка книга/ фанзин, Марија Конеска и Немања Трајковиќ со своие инсталации „Ангелот“ и „Сина Срча“, Драгана Мишев и Елена Чемерска со нивната „Споменик на слободата“ во која е вклучен и музичкиот пеформанс на Љупа Ангелов или Лепи Џони и конечно Наташа Неделкова, Николче Славевски и Зоран Шеќеров со својот групен концепт и изложба „Трудови“.
Ваквите визуелни аракции ќе бидат следени од ритмите и енергиите на бендови како JUNE и RIB, а во рамките на АКТО МУЗИКА ќе се случи и промоцијата на деби албумот на култниот битолски бенд LAND ( некогашен GREEN GRASS DREAMS).
И тоа не е се, бидејќи во паркот пред Офицерски дом е планирана уште една интересна дискусија. Овојпат на тема „Продукција на музика во студио, гаража или дома? Разлика во пристапот на творење на електронска и гитарска музика, бенд и соло артист“, нејзин модератор ќе биде Саша Павловиќ (Критика.мк), а ќе учествуваат мнозина македонски музичари како Доне Скендеров (Land), Пеце Трајковски (Фолтин), Јане Трајковски (Rib/June), Ивица Димитриевиќ (Rib/SIZ), Бојана Низамовска (June), Илија Талев (Muzak/Xavier Acid), Сашо Ралевски (Saso Recyd/ Xavier Acid), Марија Лајмановска (Плава/Паркети), Дејан Петровиќ (Sweet Rapscallions), Виктор (Рикверц), Миле Гроздановски (Рикверц), Дејан Талевски (Dejan Dex)...
И, уште нешто, во програмската целина АКТО ЗА ЗАЕДНИЦИТЕ предвидена е затворена дискусија со претставник од Солун Прајд на темa „Размена на позитивни практики за ЛГБТИ активизам на локално ниво", која ќе биде реализирана во соработка со ЛГБТИ Центар за поддршка и ЛГБТИ јадрото од Прилеп и Битола.