Атмосферата во општеството клучна за фер и демократски избори

Архива - Локални избори 2013. Гласање.

Изборниот процес за претстојните локални избори во Македонија на крајот ќе биде добар, велат експерти. Тие сепак, наведуваат дека очекуваат појава на одредени проблеми со Избирачкиот список и забелешки кои ќе се повторат.

Оценките на ОБСЕ и ОДИХР се идентични и јасни во однос на повеќе изминати изборни циклуси во Македонија и доколку кај институциите постои волја да ги тргнат рацете од изборните органи и да создадат атмосфера во која нема да има прекршување на предизборните активности, тогаш навистина се можни добри избори кои подолг прериод не сме ги имале, вели поранешниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Новаковски.

Коментарите доаѓаат откако ДИК деновиве го објави роковникот за локалните избори на 15 октомври. Политичките партии до 9 септември имаат рок за поднесување на кандидатските листи за градоначалници и советници, додека собирањето потписи на независните кандидати е до 4 септември. Граѓаните барања за запишување, дополнуавње и бришење на податоци во Избирачниот список можат да поднесат до 9 септември.

Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев изјави дека очекува регуларни кредибилни избори, фер и демократски.

За тоа дали нешто е сменето во однос на претходните избори, Новаковски смета дека институциите работат врз спречување на заплашување гласачи, запирање на финансирање од буџетот, но оти не се спроведени сите измени од Изборниот законик. Тој вели дека мал напредок има и во однос на медиумското адекватно застапување.

„Ако ние имаме изборен процес завршен во декемви минатата година, од декември до сега, имајќи ги во предвид сите измени кои се направија во Изборниот законик и за кои едногласно гласаа сите политички партии, мислам дека досега не ги спроведоа. Тие сега се надеваат дека со увидот во избирачкиот список ќе се отстранат одредени проблеми, се надеваат дека со промените на избирачките одбори ќе стигнат со едукациите, но голем период е потрошен“ вели Новаковски.

Тој смета оти се создадени услови за мирни избори во кои треба да профункционира системот, односно ДИК и сите избирачки одбори во кои учествуват административци и вработени во државна администрација, но за фер и демократски избори главно е создавањето на атмосферата, едукацијата на новоизбраните избирачки одбори и одговорноста на кандидатите, посебно на политичките партии, бидејќки ниту еден граѓанин не може да направи посериозно нарушување на процесот без учество на политичките партии, вели Новаковски.

Политичкиот аналитичар Насер Зибери коментира дека овие избори ќе бидат поинакви токму поради општата атмосфера.

„Мислам дека јавната администрација, Министерството за внатрешни работи, Државната изборна комисија, нема да бидат под таа пресија под која беа изложени од претходната влада, поготово при сумирање на резултатите кога ДИК беше постојано нападната и опседаната од протести и барања за промена на изборните резултати или задржување на резултатите кои одеа во полза на владејачката гарнитура“, вели Зибери.

Тој додава дека не би требало да има инциденти на изборите, а дека на 15 октомври Министертството за внатрешни работи треба стручно професионално да ги заврши своите обврски.