Успешно реализирана првата „НОМАД Танцова академија – Лето 2017“

Од работилниците на НОМАД Танц академија - Лето 2017

Триесет и пет професори, критичари, драматурзи, кореографи, танчери, културни менаџери, како и студенти и уметници во развој со интерес за современиот танц од 10 европски земји учествуваа на првото издание на Меѓународната образовна програма „НОМАД Танцова академија – Лето 2017“ кое се одржа од 21-ви до 29-ти Август.

Подржана од страна на Централната европска инцијатива (CEI – Central European Initative) во рамки на TEACHBACK програмата за развој на методи на образование и учење во областа на современиот танц, програмите Култура и Креативна Европа на ЕУ во рамки на проектите Life Long Burning и Dance On, Pass On, Dream On, „НОМАД Танцова академија – Лето 2017“ е некаков континуитет со првичната едукативна програма развиена од оваа мрежа којашто се имплементираше во периодот од 2007 до 2010 година.

Нејзината цел беше да се формираат нови професионалци од регионот кои ќе останат на Балканот за да работат, творат и делуваат на полето на современиот танц и на современите изведувачки уметности. После тој успешен циклус, кадешто тие млади кореографи, танчери и менаџери продолжиле да работат како нови членови на Академијата, овој пат од Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“, решиле да направат нов тип на образовен формат, нов тип на Летна академија којашто, пред се*, ќе се бави со развој на капацитетите на различни професионалци на полето на современиот танц. Не само танчери и кореографи, туку и луѓе коишто се бават со теорија, со критика и со драматургија.

„Новото нешто што е во оваа Академија е начинот на којшто се нуди самото образование коешто пред се има некаков интердеисциплинарен пристап. Значи не се третира современиот танц само преку движење и креографија, туку и преку теоријата поврзана не само со изведувачките уметности туку и со сродните уметности како што се визуелните уметности пред сè,“ вели Виолета Качакова, проект менаџер во Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ .

Таа дополнува дека тоа можело да се види и доживее најмногу на работилницата којашто била водена од Мартин Сондеркамп, кореограф и истакнат професор од Германија, и Дарко Драгичевиќ, визуелен уметник. Тие како ментори заедно работеле со групата учесници дозволувајќи им слободен пристап до градењето на сопствен израз што потем бил прикажан на презентацијата што ја имале на летната школа.

Тука била и Ивана Ивковиќ од Хрватска, во основа театарски драматург која се бави со танц и со движење, и која на неколку локации во Охрид ја потпишала работилницата насловена како „Поема на одење“.

Конечно, како што велат организаторите, особено бил интересен форматот на ко-предавање (co-teaching) на Гисела Мулер од Германија. Таа, заедно со Рок Вевар, Грегор Камникар и Дејан Срхој од Словенија, а во соработка со Александра Јанева (Хрватска/ Белгија) и Искра Шукарова (Македонија), тестирале нови начини на меѓусебно инспирирање, односно продолжување на предавањето, кадешто онаму каде што еден професор застанал, со своја методологија, продолжува другиот во концепт на преносно знаење во кое биле вклучени и студентите.

„Интересно е што веќе отвораме нови, од една страна интердисциплинарни пристапи, а од друга страна методи на учење, делење и преносно знаење интерактивно во комуникација со учесниците“, појаснува Качакова.

На Академијата бил реализиран и делот кој се бавел со истражување на методологиите на едукација, формите на формално и неформално образование и образовните политики коишто во моментот дозволуват или понатака треба да се развијат за да можат ваквите нови образовни информации да постојат и да се развиваат во различни контексти.

„Ние, во соработка со партнерите на НОМАД Танц академија, од една страна работевме на развој на одржлива структура којашто ќе овозможи ваквиот тип на образование да продолжи, а секако дел од него да биде имплементиран во нашата следна летна образовна програма која би се реализирала во 2018 и натаму да се развива секоја следна година“, појаснува менаџерката на проектот.

Таа ќе рече дека интересот за да остане Академијата да се одржува во Охрид е голем, токму поради убавините и можностите што ги пружа градот, но не го исклучува моментот оваа идеја да биде преселена во некои од земјите членки на оваа мрежа.