Говорејќи на прес-конференција заедно со украинскиот претседател Петро Порошенко по нивниот состанок во Киев, Матис рече дека ќе се врати во Вашингтон со појасно разбирање за потребите на украинските сили на фронтот.
„Исто така, ќе истакнам за одбранбеното смртоносно оружје, ние тоа активно го разгледуваме. Ќе се вратам сега откако ќе ја видам моменталната ситуација и ќе можам да ги информирам државниот секретар и претседателот многу конкретно за она што ќе го препорачам за натаму“, рече Матис.
Тој додаде дека Вашингтон неодамна одобри испорака на опрема во вредност од 175 милиони долари за Украина, вклучувајќи и „специјализирана опрема што може да се искористи за одбраната на земјата“.
Шефот на Пентагон, исто така, рече дека Вашингтон ја поддржува Украина пред заканите за суверенитетот и територијалниот интегритет.
„Ние не прифаќаме и нема да го прифатиме руското преземање на Крим и и покрај руските негирања знаме дека тие сакаат прецртување на границите со сила“, рече тој.
Високи претставници на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп честопати изнесуваа измешани мислења во врска со Украина. Најчесто тоа се поврзува со сложените односи на Вашингтон со Москва.
Во јуни годинава државниот секретар Рекс Тилерсон изјави дека американската администрација не сака да биде „врзана со лициси“ за договорот за прекин на огнот постигнат во 2015 година.
Матис престојуваше во еднодневна посета на Киев за да присуствува на прославата на Денот на независноста на Украина, односно 26-годишнината од незвисноста од поранешниот Советски Сојуз.
Тој е првиот американски секретар за одбрана кој ја посети Украина во изминативе 10 години. Тоа беше последна етапа во неговата турнеја за време на која ги посети Јордан, Турција и Ирак.