Графичка работилница „Софија“ - регионален културен бренд

Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Со учество на 15-на уметници од земјава и од странство, од 23 август до 3 септември, во Богданци, се одржува десеттото јубилејно издание на Меѓународната графичка работилница „Софија“, единствена од ваков тип во Република Македонија и на Балканот. Станува збор за еден од засебните вакви ликовни настани кај нас, кој започна скромно во 2008 година, но во меѓувреме израсна во вистински регионален културен бренд.

Љубовта кон уметноста во едно семејство, желбата да се испромовира графиката како мошне специфичен начин на уметничко изразување, како и поривот да се создадат трајни општествени и културни вредности биле главните причини во 2008 година една навидум „срамежлива“, но благородна идеја да стане реалност. Семејството Семенпееви од Богданци во кое графиката се негува со децении, токму таа година ја потпиша организацијата на првата Графичка работилница „Софија“. Од тогаш помина цела една декада, а малото место на југот од Македонија, секој август се претвора во сврталиште на млади и талентирани графичари од регионот, а работилницата полека израсна во еден од препознатливите ликовни белези во срединава на изместени вредности и негрижа за вистинските добра.

И, кон ова уште неколку значајни информации. Графичката работилница е отворена во текот на целата година, а главната сесија се одржува на крајот на август кога Богданци буквално се претвора во центар на графичката уметност во Македонија. Во изминатиот период низ него поминале и свој печат оставиле над 150 графичари од соседните Бугарија и Србија, од Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Притоа, особено е значајно што во работата на Работилницата се застапени сите класични графички техники (висок печат, длабок печат, рамен и пропустен печат), а сето тоа е следено од будното око на Советот во кој се творци како Костадин Танчев – Динка, Данчо Калчев, Виктор Семенпеев, Јанко Темелков и Драги Семенпеев – Цапе.

Креативно-едукативниот дел, пак, се одвива под менторство на реномирани графичари, универзитетски професори од земјава и од странство, а досега оваа одговорна задача ја имале истакнати педагози од ликовните академии во Нови Сад, Белград, Загреб, Сараево и Скопје.

Конечно, сите активности во текот на графичката работилница се одвиваат во просториите на семејната печатница на Семенпееви - „Софија“. Таму, како ретко каде во близина, се создадени услови за графички дела. Во изложбениот простор на Печатницата се поместени и завршните изложби со новонастанатите творби, а се практикуваат триенални претставувања во Скопје и другите поголеми градови во земјава.

Софија Семенпеева – Трајановска, академска графичарка и член на семејството, знае да каже дека Графичката работилница е единствена од овој тип во Македонија и една од ретките во регионот. Таа појаснува дека нејзиното ненаметливо и непретенциозно опстојување е всушност показател дека ликовната уметност сè уште живее тука, но и потврда за негрижата на институциите за нивното делување.

„Во изминативе 10 години не наидовме на никаква поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, од каде едноставно немаа слух дека културата и уметноста во земјава има мало, но значајно чкорче некаде долу на југот, во Богданци. Не најдоа простор и време ниту за морална поддршка. Барем еднаш да ги посетеа изложбите и да ги поздравеа менторите кои доаѓаа од врвни академии во регионот. Се надевам дека ќе дојде денот кога општеството ќе ја разбере нашата мисија, а Министерството за култура ќе ја препознае потребата за поддршка на овој проект кој на уникатен начин ја промовира Македонија“, вели таа.

Нејзиниот брат и графичар Виктор Семенпеев не го крие задоволството што цела една декада тие стамено стојат во реализацијата на својата и не само ликовна мисија.

„Навистина сме горди што десет години по ред ја организираме графичката работилница, чија основна цел е на младите и талентирани автори да им се овозможи размена на искуства и можност за создавање графички дела во сите техники. Ова е особено важно, со оглед на тоа што графиката како техника, поради условите во кои се работи, е помалку застапена, не само во Македонија туку во целиот регион. Се надеваме дека на овој начин барем малку придонесуваме за промоција на уметноста и културата во нашата земја“, вели тој.

Инаку, на годинешната главна сесија ќе учествуваат 15 уметници (графичари) од Македонија и од странство, селектирани од државните ликовни академии во Скопје (Софија Шутарев и Кристијан Поповски), Нови Сад (Вања Игњач и Душан Никитовиќ), Ниш( Јана Митровска и Даница Милошевиќ), Софија ( Лора Димитриева и Димитар Јовчев) и Загреб (Теа Ивковиќ, Анја Леко и Вида Меиќ), а за првпат ќе има двајца учесници од академијата во Варшава, Полска (Тереза Плотковијак и Никола Папиерник) . Ментор на работилницата ќе биде Тони Васиќ, универзитетски професор и истакнат графичар од Македонија.

„Сите учесници се постдипломци и апсолвенти на факултетите на ликовни уметности и со себе ги носат сите искуства и сознанија стекнати низ образовниот процес. Нив, како и другите искуства, ги споделуваат со своите колеги во текот на процесот на работа за време на сесиите. Впрочем учењето и дискусијата, размената на искуствата, е едно од најголемите богатства коишто се случуваат на оваа Работилница“, истакнува Васиќ.

Кон ова само уште информацијата дека годинашната завршна изложба е планирано да се одржи на 2 септември во галерискиот простор на Печатница „Софија“ во Богданци, а во наредниот неколку месеци постановката ќе помине и низ неколку градови во земјава и регионот.