Слободарски Прилеп, оној што не се мири со агресивниот провинцијализам и турбо атаците, стамено продолжува да ја испишува сторијата за една успешна и не само музичка програма. За фестивалот кој не е само круна на една ентузијастичка идеја, туку стана практика која се стреми кон продолжување на убавата традиција етаблирана во последниве пет години. Од таму, дефинитивно и без каков било сомнеж нималку не станува збор само за локални настојби, туку за случување кое е белег на летната македонска културна понуда. За настан што громко го шири гласот за себе во многу пошироки рамки. Интернационални.
Ако ова не ви е верно, ако и малку имате сомнеж во ваквите „смели констатации“, тогаш не ви преостанува друго туку да исчекорите малку од својата удобност и да се упатите кон градот под Марковите кули и таму да ја почувствувате атмосферата, енергијата и вибрациите што како порој се излеваат од сцената.
Да ја проследите програмата што така грижливо, со расположливите средства, ја подготвуваат тамошните џез фанатици.
И, кога сме веќе тука, малку фактографија за она што следува на годинешното шесто по ред издание на „Прилеп џез викенд“ кое ќе се обистини во востановениот термин, во случајов од 24 до 26 август.
Отворањето на Фестивалот, слично како и минатата година кога настапи Биг бендот на МРТВ, е планирано да биде со голем ансамбл. Овојпат со Биг Бендот на Здружението на Џез музичари на Македонија кој за релативно кратко време, со неколку исклучително успешни перформанси ( оној во МОБ кога ги свиреа БИТЛСИ, потем и не помалку возбудливиот кога посегнаа по творештвото на македонските џез творци во Домот на АРМ), успеа да ја наметне својата инструменталистичка присутност и звуковна убоитост.
Веднаш по нив со нагласена љубопитност ќе биде пречекан легендарниот хрватски тапанар Круно Левачиќ ( човек кој свирел со големите Ли Кониц, Сем Риверс, Кени Гатер, Чарли Маријано, Бошко Петровиќ, Душко Гојковиќ...) со неговиот квартет – THE PROBLEMS. Дружината својата визија ја потпира на непредливо вкрстување на џезот, фанкот, соулот, рокенролот, класичната музика...така изнудувајќи бури од емоции кај публиката.
Втората вечер ќе започне со проектот на џез пејачот Џон Илија Апелгрин и триото на извонредниот контрабасист Мартин Ѓаконовски посветен на легендарниот Нет Кинг Кол. Со него тие ја возобновуваат соработката од крајот на 1980-те кога беа заедно во култниот квартет М2. Покрај нив и расвирените Гордан Спасовски на пијано и Левин Ѓаконовски на тапани, на сцената ќе биде и фуриозниот македонски саксафонист Кирил Кузманов.
А, по успешните настапи на фестивалите како Нишвил, Егзит и Лавфест, на „Прилеп џез викенд“, со бандата инструменталисти што себе се именуваше како НАПЕТИ КВИНТЕТ, доаѓа и српскиот хип-хоп артист Марчело кој поодамна јасно стави на знаење дека милува да експериментира со жанровите притоа нагласувајќи ги сопствените џез фасцинации.
И, конечно финалниот удар се очекува в сабота на летната сцена на Центарот за култура „Марко Цепенков“ да го зададат две интернационални постави. Воведот ќе му припадне на украинскиот саксафонист Макс Кочетов, кој подолго време живее и твори во Белград и кој зад себе има неколку успешни албумски објави. Кочетов е член на Биг бендот на РТС, а со својот квартет и потребата на специфичен начин да се бави со „пост-бапот“ пред две години имаше и бележит настап на големиот Белградски џез фестивал.
За крај, пак, е оставено француско-македонското трио METACRONIC TALKING во кое се вокалистката, тромбонистка и авторка Мари Маре Петров, нејзиниот сопруг, тапанџија и мајстор на ударни инструменти Александар Петров ( БАЦЕ КВАРТЕТ и музичар кој остварил плодна соработка со Теодосиј Спасов, Васил Хаџиманов, Башар Калифе, Лео Џеновезе, Нојан З. ,Питер Херберт...) и саксафонистот и композитор Денис Гиварж ( кој ја делел сцената со големини како Стив Колмен, Пако Сери...). Тие најавија дека ќе го раскажат своето звуковно патешествие низ времепросторот, а во тоа, во оваа пригода, несебично ќе им помогне виолинистот Газменд Бериша, кого македонската публика го познава преку делувањето со ПРОЕКТ ЖЛУСТ и соработката со гитаристот Влатко Стефановски.
„Ние не можеме да донесеме, за брзо време, некои големи светски имиња затоа што тоа е прескапо за нас. Но тоа не значи дека нашиот фестивал ориентиран на македонската џез сцена и регионалните џез музичари ќе биде лош. На регионалната сцена, според мене и според луѓето со кои го правиме фестивалот има ненормално квалитетни музички имиња кои излегуваат често надвор и со успех свират на големите интернационални џез фестивали“, вели Владан Дробицки, музичар ( SETHSTAT) и програмски директор на „Прилеп џез викенд“.
Кон ова не смее да се заборави и тоа дека годинава Фестивалот нуди и богата придружна програма сочинета од несекојдневни промоции, изложби и перформанси. Така во деновите од претстојниот џез викенд вљубениците ќе имаат можност да ја проследат изложбата на обвивки на фотографии на изданијата од познатата германска дискографска етикета ECM што ја подготвил Fotini Potimia aka LAMP, тука е и „бејс ту бејс“ настапот на колегите Гоце Јованоски (ФОЛТИН) иДине Донеф ( Костас Теодору), аудио-визуелниот перформанс на Донеф и на Тома Димовски и промоцијата на двојниот албум „Пет години Прилеп џез викенд“ на кој се поместени документирани снимки од минатите изданија на фестивалот на бендови и артисти како италијанскиот трубач Лука Аквино, белграѓаните HASHIMA, FRANZ KAFKA ENSEMBLE, загребскиот CUL DE SAC, нишкиот бенд EYOT, Гоце Стефковски септет, браќата Тавитјан...и други.
„Прилепскиот џез викенд минатата година заокружи еден мал, но значаен јубилеј – пет години од своето постоење и во чест на тој јубилеј објавивме една компилација на компакт диск која навистина се работеше со голема љубов. Професионално снимена и дизајнирана оваа компилација кажува и колку е сериозен пристапот на Општината кон овој Фестивал којшто планира и понатаму да го промовира и да го развива“, ќе рече Снежана Ристеска од одделот за култура во локалната самоуправа.
Таа дополнува дека со секое издание тие си поставуваат некои повисоки стандарди со цел да ги задоволат критериумите на публиката чиј интерес за манифестацијата од година во година расте.