Достапни линкови

Петти јубилејни џез варијации во Прилеп


Со Биг Бенд-от на МРТВ, Влатко Стефановски трио,белграѓаните Хашима, Лост антрополоџи на Дине Донев или Костас Теодору, хрватските Франц Кафка ансамбл и Чуи, проектот „Хиџаз 3“ на Џенгис Ибрахим, Диџеј Шурбе и младите Фирс и Филип Стевановски трио во придружната програма, петтиот јубилејен Интернационален Прилеп џез викенд, што ќе се одржи од 25 до 27 август, несомнено се издига во исклучително значајна регионална музичка манифестација.

Она што првично беше само ентузијастичка идеја на неколкумина вљубеници во џезот и нивна заложба за поинакво урбано културно живеење во својот град, без нималку двојба, за само половина декада израснува во поширока придобивка. Прилеп, а со тоа и Република Македонија, добија концепциски здрав и квалитетен џез фестивал кој се издига над обичноста на уште едно културно случување и станува сцена на која својата умешност и виртуозност ја пројавуваат несомнено квалитетните имиња од Балканот. Музичари чии идеи и импровизации нималку не трпат огради и кои на тој начин стануваат незаобиколиви чинители на глобалната звучна слика и океанот од поетики.

А, во дослух со традицијата и грижата за нашето музичко наследство не случајно на првата вечер на Интернационален Прилеп џез викенд,се најде Биг Бенд-от на МРТВ, оркестарот кој е формиран во далечната 1961 година со легендарниот Драган Ѓаконовски Шпато како негов прв диригент. Биг Бенд-от со децении наназад претставува вистински стожер на македонската забавна и џез музика, а во последниве неколку години по реобновувањето се обидува, покрај класичната оркестарска џез литература, да донесе и нови свежи аранжмани на современи теми и авторски композиции на неговите солисти.

Со него, по Џамбазов, Костов и други, од 2013 година раководи Љупчо Мирковски, трубач и плоден автор на инструментална, забавна, театарска и џез музика.

Хашима е белградски состав кој соединува повеќе поранешни музички искуства и твори звучни слики кои е тешко да се категоризираат. За она што го потпишуваат гитаристот Игор Мишковиќ, Вања Тодоровиќ на контрабас, Аександар Христиќ на тапани и тенор сакасафонистот Срѓан Мијалковиќ, Томас Конрад, американски новинар и критичар, во „Џез тајмс“ ќе забележи: „Хашима е необичен спој на класицизмот со елементи на балканскиот фолклор, авангардната бучава и лиризам.

Бендот деби албумот „Tideland“ го промовираше на минатогодишното издание на Белградскиот џез фестивал, а потем рецензии за него се појавија и во „Њујорк сити џез рикордс“ и во лондонсиот „Џез вајс“.

Костас Теодору или, ако милувате Дине Донев, како што е неговото македонско име и презиме, е еден од неколкумината балкански творци кој со оградите раскрстил од раните 1980-ти од кога е активен на грчката музичка сцена. До 1990-те работел како аранжер и водач на ансамбли, продуцирајќи и снимајќи музика од истакнати грчки композитори. Напоредно патувал и снимал сопствени творби. Во 2001 година станал член на Примавера ен Салонико и соработувал со прочуената Савина Јанату.

Своите таленти ги распостилал и во театарот и на филмот, а во Македонија познати се неговите соработки со музичари како Тони Китановски, Александар Секуловски, Васил Хаџиманов...

Исклучителниот автор, басист и перкусионист во Прилеп доаѓа со Лост антрополоџи во кој се и Антонис Анисегос на пијано, Киракис Тапакос на уд и Стаматис Пасополус на хармоника.

ЧУИ, пак, е хрватско трио кое ги вкрстува современата клупска музика со џез и електроника и го претпочита бескомпромисниот рокенрол пристап. Тони Старешениќ ( клавијатури, елкетроника), Војкан Јоциќ ( саксафон, електроника) и Јанко Новоселиќ ( тапани), зад себе имаат ри одлични албумски објави ( „Dancing Bear“, „The Second Arrival“ и „Third Sun From Stone“) и силна потреба за нови предизвици.

А, точка на долгата петочна ноќ, со својот еклектичен диџејски сет, ќе стави радиоводителот, промотер, издавач, музички критичар ...Костадин Шурбановски – Шурбе, кој сцената ја делел со имиња како Ел-ти-џи Букем, Јан Пули, Џајлс Петерсон, Џазанова, КУП...и кој, патем, е чест гостина на Фестивалот.

Од друга страна почетокот на третата фестивалска вечер е предвидено да им припадне на Ансамбл Франц Кафак, шесточлениот ансамбл составен од музичари кои своите визии и лудило ги имаат во слоеви наслагано во бендови како Кил-де-сак ( лани буквално растурија), Пич пит, Хаустор, Порто Морто, Џинкс...

Својата несекојдневна звучна понуда ја потпираат на афро-битот, современиот џез и мат-рок...сето тоа обвиткано со филм-ноар атмосфера, а тој микс „луцидно, прецизно и шеговито го нарекуваат циркус-ноар жанр“.

По нив, со специјално подготвен сет и со своите верни придружници Ѓоле Максимовски на бас и Дино Милосављевиќ на тапани, на сцената во родниот Прилеп ќе се искачи гитарскиот маг Влатко Стефановски, чие шоу несомнено ќе предизвика најголемо внимание кај широката публика и ќе ја збогати звучноста на манифестацијата.

И, конечно официјалната програма ќе биде заокружена со медитативниот проект „Хиџаз 3“ на виртуозот на канун и саз м-р Џенгис Ибрахим. Големиот музичар, теоретичар и педагог, во третата потрага и чествување на древната музика и нејзината синтеза со денешницата, како свои собеседници ќе ги има Петар Христов на кларинет, Зоран Павловски на бас и вокалистката Ана Митоска.

Инаку, не треба да се заборави дека Интернационален Прилеп џез викенд 2016 ќе биде најавен со концертот на младите и агресивни Фирс, оваа среда на 24 август во 21 часот, а во рамките на оф-програмата, точно напладне, во џез клубот „Тејк-фајв“ ќе свири и тромбонистот, пијанист и композитор Филип Стевановски со своето трио.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG