Димитров контра Дачиќ и Вучиќ

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Димитров - Не е точно дека сме вршеле разузнавачки активности против Србија

Министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека Владата ниту имала намера, ниту дала наредба или инструкција, ниту извршила разузнавачки дејства против и на штета на некоја од нашите соседни земји.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров попладнево ги демантираше вчерашните изјави од официјален Белград наведени како причина за повлекување на српските дипломати од Скопје.

„Владата на Македонија ниту имала намера, ниту дала наредба или инструкција, ниту извршила разузнавачки дејства против и на штета на некоја од нашите соседни земји, ниту размислуваме во оваа насока. Институциите на државата работат согласно законот за заштита на уставниот поредок и на граѓаните на Република Македонија“, рече Димитров.

На прес-конференцијата во Владата на Македонија тој не сакаше да открие повеќе детали за тоа кои се причините за ваквите обвинувања од Белград. Димитров рече и дека уште во неделата кога до Mинистерството за надворешни работи стигнала нотата од српската амбасада се обидел да стапи во контакт со неговиот српски колега Ивица Дачиќ, но не успеал да го добие.

„Бевме изненадени од таа одлука и од таа дипломатска нота во неделата, меѓутоа ние се уште не сме имале директен разговор. Должни сме поради значењето на ова прашање да бидеме трпеливи и да дочекаме информации и затоа е многу убаво што утре ќе имаме можност за таков разговор“, рече Димитров.

Во текот на утрешниот ден според најавите треба да има телефонски разговори меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот премиер Зоран Заев, како и контакт на министрите за надворешни работи на двете земји Димитров и Ивица Дачиќ. Во врска со пишувањата во медиумите за позиционирањето на Македонија за приемот на Косово во УНЕСКО, Димитров нагласи дека земјава не е во ситуација да има водечка улога за тоа прашање, но како елементи при градењето на ставот ќе се води пред сè од своите интереси земајќи ги предвид и интересите на Белград и Приштина.

„Не знаеме кога ова прашање ќе биде на дневен ред, можно е да биде идната есен, а дотогаш може да се сменат многу работи, можеби ќе има промени во некои ставови и на инволвираните страни, така што освен елементите не би сакал да бидам многу попрецизен и подециден сега, денеска“, рече Димитров.

Директниот дијалог е многу важен и за вакви теми не треба да се разговара преку шпекулации и дезинформации, нагласи македонскиот министер. Тој не ги коментираше и денешниот изјави од српскиот колега кој рече дека повлекувањето на персоналот од амбасадата во Македонија е порака до Скопје дека Белград „знае сè што договарале или за што се договориле“, а тоа, според него, е нешто што не им се прави на пријателите.