Советот за јавни обвинители в четврток на седница ќе го разгледува прашањето кој ќе биде вршител на должноста државен јавен обвинител, потврди претседателот на Советот, Петар Аневски. Тој вели дека за таа функција ќе изберат човек кој доаѓа од редовите на обвинители од Републичкото јавно обвинителство. Во меѓувреме, Јавното обвинителство си работи без прекин по тековните предмети, велат оттаму. До изборот на вршител на должноста, на столчето на досегашниот државен обвинител Марко Зврлевски седна неговата заменичка, Лилјана Спасовска, која го менува државниот обвинител во случај на спреченост или отсуство. Тоа значи дека таа има целосни ингеренции за спроведување на работни задачи до изборот на вршител на должност.
Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновки се надева дека овој пат Советот на јавни обвинители ќе избере вршител на должност државен јавен обвинител кој ќе постапува по закон, а не по нарачки од „тефтерчиња“. Тој својот оптимизам го темели на последната одлука на Советот со 4 наспроти еден глас за разрешување на Зврлевски.
„Тргнувам од тука, дека веќе во Советот на јавни обвинители преовладува мислењето дека треба носителот на функција државен јавен обвинител и лицето кое го заменува да мора да дава личен пример за објективно и законито одлучување за она кое е во надлежност на јавното обвинителство. А има доста работи кои треба да излезат на виделина, а кои цело време беа доста заташкани, не само од јавноста, туку и од самите носители на јавно обвинителска функција, тргнувајќи од најниското основно јавно обвинителство и Вишото јавно обвинителство“, вели Трпеновски.
Од Владата денеска потврдија дека на владина седница е донесен заклучок да му биде предложено на Собранието на Република Македонија да го огласи именувањето на државен јавен обвинител.
По објавувањето на огласот во Службен весник и најмалку два дневни весника, почнува да тече рокот од 15 дена за пријавување на кандидатите. Потоа Советот има уште 15 дена рок за разгледување на биографиите на кандидатите и нивна оценка.
Со оглед дека временската рамка од оваа постапка се поклопува со кампањата за локалните избори, се очекува конечната одлука од Владата да пристигне во Собранието по одржувањето на изборите.
Но, тоа нема да значи и веднаш избор на нов државен обвинител затоа што и натаму стои деловничката можност на пратениците од опозицијата да ја одолговлекуваат постапката за избор на наследник на Зврлевски. Трепеновски вели дека ништо добро досега не се случува во Собранието, затоа што од досегашната пракса е очигледно дека опструкциите во оваа институција ќе продолжат.
„Јас од ова што го гледам дека се случува и од изјавите што ги даваат дел од пратениците од сегашната опоцизија, ми зборува дека опструкциите ќе продолжат и дека тие и натаму ќе продолжат на нефункционален начин да истапуваат во Собранието. Еден ден тоа мора да престане, но тој ден се уште е далеку“, вели тој.
Според законот за избор на државен јавен обвинител, пратениците со просто мнозинство ќе треба да изгласаат кој ќе седне на столчето на Зврлевски откако ќе заврши целокупната процедура, односно откако Владата ќе го достави до Собрание предлог кандидатот кој претходно бил одобрен од Советот на јавни обвинители.