Зајакнато офанзивно разузнaвачко дејствување кон Србија во целина и кон српската амбасада, во кое е присутен и странски фактор е причинaта поради која официјален Белград одлучи да го повлече целиот дипломатски персонал од амбасадата во Скопје, тврди српскиот владино-државен врв. Во одделни изјави, прво српскиот претседател Александар Вучиќ, а потоа и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ ги соопштија тие позиции.
„Нашите надлежни органи утврдија и им покажаа на луѓето во Владата на Србија и на мене доволно докази за сознанијата кои ги имаат за многу офанзивно разузнавачко дејствување против одредени органи и институции на Република Србија“, рече Вучиќ, кој најави и дека ќе продолжат да ги развиваат пријателските односи меѓу Белград и Скопје.
Нешто подоцна и шефот на српската дипломатија Дачиќ зборуваше за засилено разузнавачко дејствување во кое, како што рече, бил присутен и странски фактор без да презицира за кого точно се работи.
„Веќе следната недела, по состаноците што ќе ги имаме овде и разговорите со претседателот Александар Вучиќ, дел од персоналот на Амбасадата ќе биде вратен во Скопје, а амбасадорот ќе се врати подоцна кога ќе ги завршиме сите консултации што треба да ги направивме во Белград“, рече Дачиќ.
Според поранешниот амбасадор и долгогодишен дипломат Љупчо Арсовски, овој потег на српската влада е преседан бидејќи, како што нагласува, вакви чекори се прават само во пресрет и за време на војна.
„За да се повлече ваков чекор треба да постои некоја сериозна причина. Ако е тоа што го кажуваат двајцата највисоки претставници на власта во Србија, мислам дека ја промашиле целата постапка бидејќи постојат други начини за расчистување на такви ситуации“, вели Арсовски.
Тој во контекст на досегашните односи меѓу двете земји го споменува и српскиот разузнавач, кој според снимките што ги прикажаа медиумите беше во македонското Собрание на крвавите настани на 27 април, како и досегашните реакции на официјален Белград поврзани со позиционирањето на Македонија кон Косово.
Македонската влада, пак, соопшти дека во врска со конкретниот случај не носи избрзани заклучоци и ги поздравува најавите од официјален Белград за заштита на пријателските односи и за враќање на состојбите во вообичаени рамки. Владата претходно соопшти дека Македонија развива пријателски односи со сите соседни земји.
„Кога постојат отворени сензитивни прашања помеѓу два наши соседа Владата секогаш ги следи интересите на државата базирани врз принципите на добрососедство и унапредување на регионалната соработка, неутралност и немешање во споровите меѓу државите“, наведоа од владата.
Од таму посочуваат дека за гласањето за членство на Косово во УНЕСКО, што се шпекулираше во дел медиуми дека е причината поради која се повлечени дипломатите, ќе ги имаат предвид позициите на мнозинството земји-членки на Европската унија.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Инаку, пред амбасадата на Србија во Македонија ден по одлуката на Белград имаше засилено полициско обезбедување, но ситуацијата на улицата во населбата Водно не изгледаше вонредно. Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека од нив било побарани мерки на зголемена безбедност на објектите на српската амбасада по барање на Амбасадата. Во неделата вечерта српската амбасада испрати нота до македонското Министерство за надворешни работи со која ги извести дека персоналот на Амбасадата е повикан на консултации во Белград.
Двете земји имаат воспоставено дипломатски односи во деведесеттите години, но релациите неколку пати беа сериозно нарушувани најмногу околу позициите на Македонија за Косово. Владата во Скопје ја призна независноста на Косово во 2008 година и тогашниот македонски амбасадор во Белград Александар Василевски беше прогласен за персона нон грата и мораше да ја напушти земјата. Тогашниот српски амбасадор Зоран Поповиќ, пак, остана во Македонија и врачи протестна нота во македонското МНР.
Последниот период актуелниот шеф на српската дипломатија Дачиќ споменувајќи го признавањето на Косово и гласањето на Македонија за прием на Приштина во УНЕСКО напоменува дека како Скопје се однесувало кон Белград така и тие ќе се однесувале кон соседот. Минатиот месец по посетата на Атина, Дачиќ рече и дека смета оти неговата земја направила грешка пред 20 години кога ја признала Македонија под уставното име.