Вршкова и Груби со Вечер на романтична музика на Охридско лето

Виолистот Блерим Груби и пијанистката Марија Вршкова

Со програма сочинета од популарни дела на романтизмот, в сабота, на 19 август, во црквата Света Софија, во рамките на Охридско лето, ќе настапат врвните македонски уметници – Блерим Груби на виола и Марија Вршкова на пијано. Концертот ќе може да се следи и во живо на веб страницата на нашата најголема летна културна манифестација.

По серијата убави перформанси на македонските репродуктивни уметници на актуелното издание на фестивалот Охридско лето, уште еден концерт што несомнено ќе го заскокотка љубопитството на вистинските љубители на сериозната музика и наедно ќе ја привлече пошироката публика. В сабота, на 19 август, во 20.30 часот, во црквата Света Софија, ќе музицираат пијанистката Марија Вршкова и виолистот Блерим Груби, дуото кое низ годиниве наназад оствари исклучително плодна соработка. А, тие овојпат, се решија својот нов перформанс да го обојат со нотите на романтизмот. Во рамките на Вечерта на романтична музика да посегнат по творештвото на големите Шуман и Шуберт, како што велат „се одлучиле за летна, но не и лесна програма“.

„Голем предизвик е да се свири на Охридско лето. Оваа година ме радува и фактот што голем број на македонски музичари продефилираа на сцената на Фестивалот. Возбудата е огромна. Сепак, Охридско лето е Фестивал на кој настапуваат најголемите имиња, не само од земјава, туку и од странство“, вели Вршкова, која по втор пат летово ќе се искачи на подиумот на нашата најголема сезонска културна манифестација.

Груби, пак, истакнува дека е многу тешко да се најдат двајца врвни музичари што можат заедно да свират и вистински да ја делат сцената. Дополнува дека кога си исправен пред публиката во миг се случуваат работите и дека Марија е една од ретките пијанистки кај нас кон кои тој има безрезервна доверба. Со сите пори на своето автоско-изведувачко кредо.

„Вршкова ја има способноста во дел од секунда да ти ја фати фреквенцијата и да те следи во секоја замисла, секој твој исчекор. Таа знае дека музиката не носи крај, не може да се заокружи, потцрта. Музиката е моментално чувство. Вежбаш, вежбаш, вежбаш, но на сцената постојано носиш нешто друго. Сосема друго. Сцената е магија којашто треба да ја совладаш и да направиш не само ти да ја чувствуваш, туку таквото чувство на магичност и на енергија да и го пренесеш на публиката“, вели Груби.

Виолистот појаснува дека со пијанистката соработуваат повеќе од две децении и дека него, пак, со Охридско лето го врзуваат преубави спомени. Вели дека со манифестацијата е врзан емотивно и дека ја третира како случување на кое тој ја започнал својата професионална кариера во сега далечната 1989 година кога настапил во рамките на програмската целина своевремено именувана како „Млади надежи“.

Конечно, Груби и Вршкова во октомври повторно ќе се најдат на иста сцена на планираниот концерт што треба да се одржи во Приштина, соседно Косово, за потем да го започнат снимањето и на својот трет заеднички носач на звук – албумот што треба да ја претстави нивната нова програмска ориентација.

И, кон ова малку фактографија. Марија Вршкова е родена во Битола каде го завршува основото и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со највисоката оцена "CUM LAUDЕ" во класата на професор Тодор Светиев каде ги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието добитничка е на повеќе награди, не само во земјава, туку и во странство. Згора на ова Вршкова учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствен претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработувала со врвни диригенти и солисти. Инаку, во текот на својата досегашна кариера има снимени неколку носачи на звук, а во 2010 го обелодени и својот солистички албум „Македонска музика за пијано“.

Роден 1965 година, Блерим Груби дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во класата на професор Љубомир Господинов, а специјализирал и повеќе мастер курсеви посетувал во реномираната Академија „Шигиана“ во Сиена, Италија, кај светски познатиот виолист – големиот Јуриј Башмет. Тој цели 13 години бил член на Македонската филхармонија, но паралелно остварува и богата уметничка кариера како солист и камерен музичар настапувајќи во земјите од поранешна Југославија, Албанија, Италија, Германија, Австрија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Јапонија и во САД.
Соработувал со видни диригенти и солисти ( како Крантја, Шурев, Балабурски, Куфојанакис, Хан, Бадивуку, Кастратовиќ...), основач е на Сојузот на албански музички и балетски уметници во Македонија, на ансамблите „Вивенди“ и „Бахус“, трио „Косова“ и работи како редовен професор на Државниот универзитет во Тетово и на Универзитетот во Приштина.