Лете зголемен број повреди од земјоделска механизација

Бројот на повредите во сообраќајни незгоди во Куманово е зголемен како резултат на зголемената фреквенцијата во сообраќајот поради сè поголемо присуство на наши сограѓани кои живеат во странство. Намален е бројот на граѓаните кои бараат помош од отстранување крлежи. Персоналот, пак, поради годишните одмори е преполовен, но со мобилноста на екипите и осовременување на апаратурата на одделението за Хирургија при Општата болница, успешно се извршуваат задачите, вели хирургот д-р Методија Димковски.

„Секогаш во летниот период, поради поголема фреквенција, раздвиженост како на локални, така и на меѓународен пат, речиси да нема ден, а да нема по неколку сообраќајки. Речиси да нема ден, а да нема повреди по земјоделски површини каде што се работи со трактори, комбајни, падови од дрвjа. Во моментот можеби 70 до 80 насто се проблеми од повреди, а не од болести. Персоналот е преполовен, меѓутоа работата не паѓа. Оперативата само договoрена е намалена од 120 на 80“, вели доктор Димковски.

Што се однесува до убодите од крлежи, тој вели дека бројот е намален во однос на минатите години.

„Минатата година имавме по 30-40 пациенти дневно, оваа година има помалку веројатно поради планот за дератизација на нашата општина, која е извршена во пролетните месеци“, вели тој.

Доктор Димковски појаснува дека и покрај тоа што луѓето се плашат од крлежите, на нашето поднебје досега немало некои сериозни здравствени нарушувања како последица од убодите.

„Кај нас крлежите се релативно питоми и не носат инфективни болести. За секој случај ние го почитуваме правилото и пациентите ги праќаме на Инфективно одделение кое понатаму ги советува. Задолжителна е антитетанусна заштита, а ако не е инфициран крлежот нема проблеми“, вели тој.

Според докторот, нашето население не е едуцирано како да ги отстранува крлежите, па или веднаш бара помош од хирурзите, или пак, кога некои сами ќе се обидат да го отстранат, вообичаено останува некој дел од него, поради што повторно е потребна стручна помош.

Одделението за хирургија при кумановската Општа болница, како што вели д-р. Димковски, последните години максимално е техничко-технолошки опремено. Има усилби и за ортопедски операции така што со помош на хируршките клиники од Скопје преку договор за соработка во последните четири години оформена е екипа која работи лапороскопски операции самостојно, без лекари од Скопје. Соработка има и со васкуларна хирургија, се оперираат вени во Куманово, по потреба на испомош доаѓа васкуларен хирург, воведени се операции на колк и на други скршеници. Д-р. Димковски вели дека сега работат сами, со желба во иднина да ставаат и тотална протеза на колк за која веројатно ќе биде потребна помош од хируршките клиники, односно од Ортопедската или Клиниката за травматологија.

Соработка има и за воведување и ендоскопски операции, интервенции и поекстензивни операции од областа на урологија, за што исто така постои соработка со Клиниката за урологија од Скопје. Кумановската болница има два уролога, откако едниот заминал во Скопје.

„Ваквата понуда на здравствени услуги нормално влијаеше и да имаме зголемен број на хоспитални болни, зголемен број на оператива кај нас. Ако пред четири години годишно имавме по 600 -700 операции, по илјада до илјада и сто приеми, сега ја завршуваме годината со илјада и двесте операции, илјада и 800 приеми, при тоа со примена на модерни алгоритми за предоперативен и постоперативен третман на болни. И времето за хоспитализација е намалено“, вели тој.

На Хирургија работат 14 лекари специјалисти, петмина се на специјализација, а доволен е бројот и на помошен персонал.

„Проблем е само со старост, проблем е со обновување на тој кадар. На тоа треба да се посвети внимание, затоа што за неколку години може да се случи буквално најискусните и постарите доктори да отидат во пензија, а немаат замена за нив. Треба малку да се обрне внимание на обновување и освежување на персоналот и на лекарите и на сестрите и на другиот помошен персонал“вели хирургот Димковски.