Ребалансот на буџетот за 2017 година конечно е усвоен во Собранието, а Кире Вељановски на Фејсбук страницата на Радио Слободна Европа коментирал: „Се крати, нормално, багра криминална како ВМРО-ДПМНЕ научена да троши, да фрла.“ Од друга страна, за Виктор Богданоски, тоа што пратениците на новата опозиција не гласаа било „Паметно, и онака не вреди“.
Цела полемика развиле фановите на нашево Радио во врска националноста Албанец – Македонец, а по информацијата дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги распиша локалните избори за 15 октомври. Горан Цика Андреовски, очигледно заборавајќи дека тоа се редовни локални избори што требаше да се одржат уште во мај, постирал: „Супер! Одново избори, пак народот ќе го јаде“, а Методија Ласковски вели: „Ако има избори. Нека победи оној што ѝ мисли арно на Македонија“.
Некои граѓани, според коментарите, не го сфаќаат објаснувањето на вицепремиерот и министер за внатрешни, Оливер Спасовски, дека ако Владата не прогласеше кризна состојба во подрачјето на општините Македонски Брод и Чашка зафатени со пожари, Дирекцијата за заштита и спасување и локалните самоуправи ќе требаше самостојно да се справуваат со огнената стихија, што очигледно не се во состојба. Па Перо Ангелов напишал: „Нив не ги интересира пожарот, тие треба тоа зацртаното за распродажба на Македонија да го исполнат“, а Дејан Котески коментирал: „Заклучете и одете си дома“.
Изјавата на Антонијо Милошоски дека одлуката на Апелациониот суд за прифаќање на „бомбите“ како доказ во обвинението, меѓу другите и на Никола Груевски за нарачката шамари за Жерновски, е скандалозна, предизвикала голем број коментари на нашата ФБ страница, од кои издвојуваме само некои. Дени Владиков им се обраќа на членовите на ВМРО-ДПМНЕ: „Убаво ви беше кога ги осудувавте луѓето само за збор и монтиравте дела“. Гоце Стојановски постирал подолг кометар: „Вака. Снимките беа сечени, лепени, монтирани. Излезе не се. Судот ви беше штаб. Сега се менува. Не одговара. Полициски станици беа штабови на партија. Пратеници на партија не ги отворија вратите на собранието. Се запалило нешто – СДСМ се виновни, а пола Европа гори. Што казна му дадовте на вашето милениче Спасов за ноќната прошетка со службен џип, камен пијан, плус секретарка со него“ и така натаму, и така натаму, ги реди Гоце грешките на ВМРО-ДПМНЕ, а Асим Кадриу потсетува: „Скандалозно е вие што трошевте на чоколадо, а многу луѓе немаа леб да јадат.“