Медведев: заврши надежта во подобри односи со САД

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Медведев: САД и објавија трговска војна на Русија

Рускиот премиер Дмитри Медведев оцени дека Соединетите Држави, со воведувањето на новите санкции, и објавија трговска војна на Русија. Претходно американскиот претседател Доналд Трамп го потпиша законот за санкциите што беше усвоен со големо мнозинство во двата дома на Конгресот.

Заврши надежта дека ќе се поправат нашите односи со американската администрација, напиша Медведев на неговиот Фејсбук профил.

Тој додава дека е уверен оти мерките нема да имаат ефект и оти Русија без оглед на нив, ќе продолжи да се развива, бидејќи Русија во претходните години научила да напредува во услови на целосно затворени пазари.

Според Медведев, администрацијата на претседателот Трамп покажала целосна немоќ со тоа што „своите извршни овластувања на понижувачки начин му ги пренесе на Конгресот со што се менува рамнотежата на власта во американските политички кругови“.

„Американскиот естаблишмент го победи Трамп. Претседателот не беше среќен во врска со овие санкции, но тој мораше да го потпише законот“, оценува рускиот премиер.

Како што е познато, американскиот Конгрес со големо мнозинство усвои закон со кој се воведуваат санкции врз Русија, Иран и Северна Кореја.

Портпаролката на Белата куќа Сара Хакеби Сандерс, објавувајќи дека претседателот Трамп го потпиша законот, изјави:

„Претседателот се залага за строги мерки за казнување и одвраќање на лошото однесување на непријателските режими во Иран и Северна Кореја. И тој, исто така, испрати јасен сигнал дека нема да толерираме мешање во нашиот демократски процес од страна на Русија. Законот беше подобрен, но Конгресот задре во моќта на претседателството и тој го потпиша во интерес на националното единство“, рече таа.

Новиот закон му овозможува на Конгресот да ги стопира сите обиди и напори на претседателот Трамп да ги олесни санкциите врз Русија.

Во меѓувреме, руското Министерство за надворешни работи, оценувајќи ги санкциите за кратковидни и опасни, соопшти дека Русија останува „отворена за соработка со САД во сферите каде што сметаме дека е корисно за нас и за меѓународната безбедност, вклучувајќи го и решавањето регионални конфликти“.