Потребни се нови кадри за локалните избори

Архивска фотографија: Локални избори 2013

Политичките партии треба да понудат кадри кои ќе покажат дека знаат подобро да ги водат општините, а помалку ќе се интересираат за дневна политика, велат аналитичарите.

Политичките партии треба да понудат нови кадри за претстојните локални избори, особено во општините каде некои градоначалници добија повеќе мандати, а постигнаа незначителни резултати, вели политикологот Митко Гаџовски од Факултетот за општествени науки.

„Мислам дека на овие локални избори од исклучителна важност е да се етаблираат нови кандидати коишто би донеле свежина со одредени проекти и решенија во општините за да се подобри квалитетот на животот на граѓаните“, вели Гаџовски.

Тој додава дека поголемо освежување очекува од СДСМ, односно дека ќе понуди соодветни и сериозни кандидати за имплементирање на политики на локално ново.

„Во ВМРО-ДПМНЕ сведоци сме дека има одредени превирања во врска со барањата за реформи и нови кадри и партиски лица. Таму мислам дека малку потешко ќе оди работата со освежувањето на кадри, бидејќи актуелното раководство е доста круто во однос на кадровската политика и сметам дека таму нема да има поголеми измени“, вели Гаџовски.

Политичките партии треба да понудат кадри кои ќе покажат повеќе интерес и можности за подобро менаџирање на општините, а нема да бидат под влијание на секојдневната политика, коментира Беса Кадриу од Факултетот за јавна администрација и политички науки на Универзитет на југоисточна Европа.

„Потребни се луѓе кои ќе покажат професионалност, луѓе кои ќе бидат во можност да покажат дека стојат во одбрана на интересот на граѓаните, бидејќи знаеме дека општината е авторитет преку кој граѓаните ги извршуваат нивните потреби. Така што во овој случај сметам дека треба да има поподготвени кадри кои ќе се покажат поуспешни“, вели Кадриу.

Таа очекува партиите да понудат кадри кои на локално ниво ќе придонесат со нови искуства и ќе покажат поголема функционалост во општините и во одбрана на интересите на граѓаните.

Локалните избори ќе бидат распишани на 6 август, според изјавата на претседателот на Собранието Талат Џафери, а партиите се договорија тие да бидат одржани во октомври.

Деновиве исто така деновиве можат да се забележи интензивирање на активностите на партиите, преку бројни партиски прес-конференции и соопштенија, а дел од нив веќе соопштија дека се подготвени за локалните избори.