И покрај соопштенијата на дел политички партии дека се подготвени за локалните избори, засега од нивна страна нема конкретни активности на терен, штабовите се уште се мирни, а високите раководства на партиите во моментов повеќе се занимаваат со централни прашања, смета универзитетскиот професор Никола Дујовски.
Коментарите на експерти доаѓаат откако претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека локалните избори ќе бидат распишани на 6 август, во услови кога партиите се договорија тие да бидат одржани во октомври.
Исто така деновиве можат да се забележат бројни партиски прес-конференции и соопштенија, а дел од политичките партии во земјава веќе соопштија дека се подготвени за локалните избори.
„Сметам дека се уште е рано, засега такви акативности немаат. Мислам дека до 6 август ќе се знаат многу работи, претседателот на Собранието изјави дека ќе ги распише изборите, партиите имаат доволно време и партиска инфраструктура и релативно брзо ќе се мобилизираат и ќе пристапат кон членството“, вели Дујовски.
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу коментира дека партиите кампањата за локалните избори ја почнале уште на 12 декември минатата година, веднаш по парламентарните избори. Според него, на тој факт укажуваат голем дел од нивните активности.
„Моментот кога изборите беа договорени за 15 октомври таа кампања се интензивираше. Ние сме свесни кои ставови и раторики ги користеа политичките партии во изминатите два месеци, така што кампањата во наредниот период може уште повеќе да се интензивира. Но секако ние сме во предизборна кампања“, вели Муслиу.
Во однос на тоа како политичките партии ќе се однесуваат во предизборието, Муслиу вели оти очекува новото мнозинство, односно владејачките партии, кампањата да ја насочат кон прашања од локален интерес, додека според досегашното однесување на опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА, тие ќе инсистираат на централни прашања и поостра реторика, вели Муслиу.
Дујовски е со став дека ВМРО-ДПМНЕ ќе води кампања како да станува збор за парламентарни избори и оти ќе бидат насочени на прашања како што е името или идентитетот, додека СДСМ очекува дека ќе води наменска кампања во која ќе им објасни на граѓаните дека станува збор за локални избори.