Американската армија се претстави пред кумановци

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Децата најсреќни на претставувањето на американската воена опрема во Куманово

Американските војници во Куманово ги претставија борбените возила Страјкер, возилото Бафало за деминирање и друга инжинерска опрема. Армијата на САД, заедно со македонската војска учествува во воена вежба Коњаник заштитник 17.

Децата беа најсреќните посетители на претставувањето на инженерските воените возила на македонската и на американската армија во Куманово. Тие ги видоа борбените возила Страјкер, возилото Бафало за деминирање и друга инжинерска опрема. Војниците со задоволство им ги претставуваа можностите на возилата. Конвој од 120 возила со 300 војници на армијата на САД денеска од Бугарија, на граничниот премин Деве Баир, влезе во Македонија. Тие поминаа 2000 километри од Германија до Македонија, претставувајќи ја својата опрема во земјите од Источна Европа. Војниците, кои се дел од инженерска единица, ќе учествуваат во воената вежба „Dragoon Guardian 17“(или во превод -Коњаник заштитник 17). Вежбата на која учествуваат и 95 македонски војници, ќе се одржува во армискиот полигон Криволак до 10 август. Американската единица во меѓувреме ќе патува низ неколку градови, изложувајќи го своето вооружување и опрема.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на отворањето на вежбата во Куманово, изјави дека ова е одлична можност за зајакнување на билатералната соработка меѓу АРМ и Вооружените сили на САД.

„Уверена сум дека ова вежба ќе биде одлична можност за зајакнување на подготвеноста на нашите единици, ќе придонесе кон подобрување на интероперабилноста и ќе ја приближи АРМ кон високите критериуми на нашите партнери од САД', рече министерката.

Амбасадорот на САД во Македонија Џејс Бејли,вели дека заедничките вежби, како оваа, ги поврзуваат војниците.

„Работејќи заедно нашите војници развиваат меѓусебни лични врски, врски кои ги поврзуваат нашите земји, но истовремено тие претставуваат и гаранција дека нашите две армии можат заеденички да комуницираат и да функционираат“, рече Бејли.

Бејли вели дека САД работат да ја видат Македонија како станува дел од НАТО, било да е преку поддршка на реформите за зајакнување на демократијта или вежби како што е „Dragoon Guardian 17“.

Војниците во Криволак заедно ќе изградат писта за слетување беспилотни летала, која потоа ќе остане за користење за потребите на АРМ. Војската ќе има обука за расчистување на патишта од импровизирани експлозивни направи, обуки за заштита од атомско, биолошко и хемиско оружје. За време на вежбата војниците на двете земји меѓусебно ќе се запознаат со личното оружје, ќе гаѓаат, а ќе има и други обуки, велат од Министерството за одбрана.

На трети август Криволак ќе го посетат премиерот Зоран Заев и амбасадорот Бејли.

Освен во Куманово, граѓаните ќе имаат можност одблиску да видат воени оклопни возила и да се дружат со војниците во уште пет градови: Скопје, Штип, Велес, Струмица и Струга. По неколку часови во денот во овие градови војниците ќе презентираат опрема, ќе се организираат натпревари за деца, фитнес-сесии, фудбалски натпревари.

Вежбата која е продукт на билатералната соработка меѓу АРМ и Вооружените сили на САД, има за цел подобрување на интероперабилноста на АРМ со НАТО стандардите, зајакнување на постојното партнерство со САД како и демонстрација на можностите на вооружените сили на двете армии за помош и поддршка на цивилното општество.

АРМ во 2015 учествуваше на 14 меѓународни вежби, конференции и работилници, а во 2016 на 16. За оваа година се предвидени 28 меѓународни активности.