Нови опструкции при оценката на обвиненијата на СЈО?

Поранешниот премиер Никола Груевски во Апелациониот суд во Скопје

Иако Судот започна да ги oценува доказите во предметите на СЈО и одреди мерки за претпазливост за дел од обвинетите, сепак се можни и нови опструкции во понатамошната постапка, велат експертите. Тие очекуваат следни опструкции во делот на оценување на обвинителен акт.

Откако Апелациониот суд ќе го заврши разгледувањето на жалбите на Специјалното јавно обвинителство и одбраната на обвинетите за мерките за претпазливост, одлуките стануваат правосилни и на сите гранични премини ќе треба да се внесе во компјутерската евиденција дека на група обвинети им се одземени патните исправи, со што стапува на сила репресивната мерка забрана за излез од државата.

Додека во Судот се разгледува жалбата на одбраната на поранешната министерка за култура Елизабета Канческа - Милеска и на СЈО за мерката претпазливост, Апелација одлучи да ги уважи одлуките на Кривичниот суд за одземање на пасошите на поранешниот премиер Никола Груевски, на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, на поранешните министри за транспорт и врски Миле Јанакиески и за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски. Од сите обвинети кои се жалеа на мерките за претпазливост Апелациониот суд одлучи да им ги преиначи решенијата во притвор, на поранешниот началник на петта управа во УБК Горан Грујовски, поранешниот шеф на кабинетот на Сашо Мијалков, Тони Јакимовски и службеникот во УБК, Никола Бошковски.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски смета дека иако Судот започнал сериозно да ги третира предметите на СЈО, сепак врши делумна опструкција. Тој вели дека се врши опструкција со тоа што не се одредува мерка притвор, а во најмала рака домашен притвор, затоа што и натаму постои основа за влијание врз сведоци, како што е и досега евидентирано во предметите на СЈО во текот на предистражната и истражната постапка.

„Мислам дека се сфати дека се сериозни кривичните дела и дека има СЈО прибрано доволно докази за утврдување на кривичните дела и сторителите. Но, очекувам дека може да се појави сега нова опструкција, и тоа за време на оценка на обвинителниот акт, со што е можно да се врати назад во СЈО за доистражување и дополнување. Таа опструкција е можна во овој дел “, вели Трпеновски.

Ваквото прашање се наметна откако одбраната на Груевски за време на рочиштето во Апелација истакна дека предметите Тврдина, Титаник и Таргет се доставени во Основниот суд по 16 часот на 30 јуни односно по истекот на работното време и со тоа Судот требало да смета дека не се ни поднесени затоа што се надвор од законскиот рок.

„Нормално дека одбраната бара какви било можности за да не дозволи да стапи во сила обвинителниот акт. Но, тоа мене не ме загрижува, мене ме загрижуваат можностите за опструкции од Судот во натамошната постапка. Јас и натаму очекувам опструкции од Судот, особено сега по поднесените обвиненија, само во која мерка ќе бидат, времето ќе покаже“, додава Трпеновски.

Тој објаснува дека, според законските рокови, по септемвриското оценување на обвинителните акти, кои на 30 јуни беа поднесени во Основниот суд, како и по разгледувањето на приговорите кои ќе ги поднесе одбрана, можно е главни расправи да бидат закажани веќе од октомври.

Специјалното јавно обвинителство до Основниот суд пред истекот на законскиот рок поднесе 17 обвиненија за 18 предмети против 94 луѓе и седум правни лица. Притвор бараше за 18 обвинети, меѓу кои и за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски, поранешниот директор на УБК Мијалков,поранешните генерални секретари на владата Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски, потоа за Јанакиески, Јанкулоска како и за Канческа-Милевска, за поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, градоначалникот на Гази Баба,Тони Трајковски, главниот уредник на Сител, Драган Павловиќ Латас, како и за други лица. За 47 обвинети, пак, бараше мерки за претпазливост.