Достапни линкови

Реизборот во судството – најкоментирана тема


Интервјуто со вицепремиерот Бујар Османи во кое тој вели дека нема да има генерален реизбор на судии, и покрај тоа што тоа беше едно од предизборните ветувања на премиерот Зоран Заев, е најкоментирана тема од нашите читатели.

Преку вашите коментари и постови на ФБ страницата на Радио Слободна Европа, почитувани, најмногу реагирате на неделното интервју на вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, и на неговата изјава дека нема да има генерален реизбор на судии, дека тоа било погрешна интерпретација и дека ќе се зголеми улогата на новиот Судски совет во дефинирање на постапките за избор на судиите.

Незири Сафуан, на пример, смета: „Ако не се спроведе најголемото ветување ќе значи дека и Заев учествува во криминалот на ДУИ и ВМРО, а вие од ДУИ, прво ти, заедно со Али и Груби сте највиновни зашто го оставивте ВМРО да прави што сака, а Грујо ве купил.“ И Адем Адеми е со слично мислење: „Им гори под нозе, затоа не сакаат да има генерална чистка во судството. И овие се во ист кош со МВРО во секаков криминал“. Тина Поп-Христова смета дека „овие судии се багра која го уназадува судството во Македонија, тие веќе направија кривични дела и ним треба да им се суди, ако нема реизбор на нови судии, тогаш ќе нема правна држава“. А Благојче Наков порачува: „На следните избори ќе паднете како презреани крушки“.

По информацијата за разговорите на високата претставничка на ЕУ, Могерини во Атина, со Ципрас и Коѕијас, покрај другото и за проблемот со уставното име на државава – еден куп коментари кои главно се движат од ставот: „Што има да разговара во наше име“, на Весна Крстевска, преку постот: „Името не го даваме, ако треба и од ЕУ и НАТО ќе се откажеме“ – како што напишала Наташа Ангеловска, па до мислењето на Ацо Спасовски: „Коѕијас е фан на Грујо и сè ќе каже да му наштети на рејтингот на Заев, како и лидерот на Беса кој беше најголем изборен коњ на ДПМНЕ“.

За тоа дека осомничените за изборни измами, од страна на СЈО, Груевски, Јанкуловска и Јанакиески едвај чекале да им почне судењето за да докажале дека не се виновни и дека Јанкулоска си го бара пасошот, Јулијана Миловановиќ коментирала: „Да не се нивните слуги во судовите, којзнае дали едвај ќе чекаат да им почне судењето“, а Муса Муса прашува: „Зошто го бараш пасошот ако не бегаш?“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG