Преку вашите коментари и постови на ФБ страницата на Радио Слободна Европа, почитувани, најмногу реагирате на неделното интервју на вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, и на неговата изјава дека нема да има генерален реизбор на судии, дека тоа било погрешна интерпретација и дека ќе се зголеми улогата на новиот Судски совет во дефинирање на постапките за избор на судиите.
Незири Сафуан, на пример, смета: „Ако не се спроведе најголемото ветување ќе значи дека и Заев учествува во криминалот на ДУИ и ВМРО, а вие од ДУИ, прво ти, заедно со Али и Груби сте највиновни зашто го оставивте ВМРО да прави што сака, а Грујо ве купил.“ И Адем Адеми е со слично мислење: „Им гори под нозе, затоа не сакаат да има генерална чистка во судството. И овие се во ист кош со МВРО во секаков криминал“. Тина Поп-Христова смета дека „овие судии се багра која го уназадува судството во Македонија, тие веќе направија кривични дела и ним треба да им се суди, ако нема реизбор на нови судии, тогаш ќе нема правна држава“. А Благојче Наков порачува: „На следните избори ќе паднете како презреани крушки“.
По информацијата за разговорите на високата претставничка на ЕУ, Могерини во Атина, со Ципрас и Коѕијас, покрај другото и за проблемот со уставното име на државава – еден куп коментари кои главно се движат од ставот: „Што има да разговара во наше име“, на Весна Крстевска, преку постот: „Името не го даваме, ако треба и од ЕУ и НАТО ќе се откажеме“ – како што напишала Наташа Ангеловска, па до мислењето на Ацо Спасовски: „Коѕијас е фан на Грујо и сè ќе каже да му наштети на рејтингот на Заев, како и лидерот на Беса кој беше најголем изборен коњ на ДПМНЕ“.
За тоа дека осомничените за изборни измами, од страна на СЈО, Груевски, Јанкуловска и Јанакиески едвај чекале да им почне судењето за да докажале дека не се виновни и дека Јанкулоска си го бара пасошот, Јулијана Миловановиќ коментирала: „Да не се нивните слуги во судовите, којзнае дали едвај ќе чекаат да им почне судењето“, а Муса Муса прашува: „Зошто го бараш пасошот ако не бегаш?“