Република - Заев подготвен да го смени името
Република ги толкува зборовите на шефот на грчката дипломатија, па објавува текст со наслов: „Заев подготвен да го смени името“ и пишува дека Коѕијас го издал Заев. Па, на тој начин, „Гркот“ – вели - „си призна дека за нив новиот премиер е подобен и посакуван“. Ги замоли и Европејците, продолжува, да не создавале нов Груевски, затоа што Заев имал предиспозиции за решение за името, го разбирал проблемот и бил отворен за промената. Република предвидува дека „реформата“ се очекува да стапи на сцена за пет-шест месеци, се разбира по локалните избори и наведува дека во меѓувреме требало да се направи магла за бугарската „направија“.
Фокус - Татари и мекерета
И една од колумните во Фокус се занимава со односите на Македонија со соседите. Овојпат, со македонско-бугарските односи. „Татари и мекерета“ е насловен текстот во кој се појаснува дека суштинскиот проблем е т.н. „македонски вапрос“, односно меѓусебната погрешна перцепција за термините Бугарин и Македонец. Па дообјаснува дека главните предводници во Бугарија биле „полицаите-историци“ кои соработувале со поранешната Државна сигурност и нивниот пандан во Македонија кои како лакеи на власта ја толкуваат историјата на ретрограден начин. И така – нагласува авторот на колумната - „се затвораше маѓепсаниот круг од кој немаше излез. А менталната матрица на овие ’професионални Б’лгари‘ и ’професионални Македонци‘ сè уште не може да прифати дека живеат во третиот милениум, век во кој нацијата се поима исклучиво како ’фиктивна заедница‘, а не како непроменлив и еднаш за секогаш даден конструкт“, пишува колумнистот во Фокус.
Капитал - Балканската економска унија станува реалност
„Балканската економска унија станува реалност“ е насловена анализата во Капитал по неодамнешниот самит за Западен Балкан и ЕУ во Трст. Регионалната економска област на Балканот станува реалност откако веќе неколку години проширувањето на Унијата со нови членки е ставено на пауза, вели авторот на главната сторија. За да додаде дека со тоа, ЕУ создаде перцепција дека сè уште „ѝ е гајле“ за аутсајдерите на Западен Балкан, особено по изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан кој најави дека ЕУ планира да инвестира една милијарда евра во овој регион до 2020 година. Па појаснува дека фокусот на Регионалната економска област што ќе ја сочинуваат шесте земји од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, е да се создаде царинска унија во која ќе се олесни тргувањето меѓу земјите, а компаниите ќе продаваат на интегриран пазар од речиси 20 милиони луѓе, регионот да се промовира како интегрирано место за инвестирање преку хармонизирање на условите за инвеститорите, поголема мобилност во регионот и дигитализација, пишува Капитал.