Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара итна отворена седница за договорот со Бугарија со образложние дека јавноста треба да знае што ќе биде потпишано, односно колкава е користа од овој текст и договор за соседна Бугарија и колкава може да биде штетата за Македонија.
„За бугарскиот премиер ќе биде победа што ќе потпише договор во кој го нема терминот македонски народ, за македонскиот премиер и Македонија како држава ќе биде пораз доколку биде потпишан текст каде што не се признава македонскиот народ како конститутивен народ во Република Македонија“, изјави Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во интервју за телевизија 24 вести, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, негираше дека договорот е на штета на државните интереси на Македонија, додавајќи дека и во овој договор стои „македонски јазик“.
На прашањето дали договорот со Бугарија е компромис на штета на македонскиот идентитет, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вели дека ваквите договори не се прават со цел да се расипат односите помеѓу државите, туку напротив за да се подобрат истите. Во неделното интервју на радио Слободна Европа, Османи вели дека и партиите на Албанците се вклучени директно во преговорите за ова прашање како гарант за заштита на интересите на Македонците.
„Сметам дека на ниту еден начин договорот не навлегува во интересите на државата или на која било етничка заедница, туку напротив е добра основа за развивање на односите оти заедничката историја е испреплетена на Балканот помеѓу сите народи. Овој договор само ја дава рамката за подобрување на односите помеѓу двата народа и двете држави“, изјави Османи во неделното интервју на нашето радио.
Претседателот на Институтот за доблесна и вредносна политика Интегра, Љупчо Ристовски вели дека секое унапредување на добрососедските односи може да го забрза евроинтегративниот процес.
„Секое унапредување на добрососедските односи е плус во приближување кон ЕУ, но спорот со Грција останува клучниот момент којшто треба да се разреши. А ова секако ќе биде дополнително, ова е една пречка на патот, ако ја отстраниме ќе биде добро, ќе се унапредат односите соседите, а тоа е една од главните препораки на Брисел и Европската Унија, а и за членство во НАТО“, изјави Ристовски.
Сепак Ристовски посочува дека секоја нетранспарентност од типот на класифицирани материјали, недостапност до јавноста со оправдување поради некој член на Виенска конвенција како можност, води кон некаква конспирација во јавноста, кон можност за разни шпекулации.
„Мислам дека е добро СДСМ и владината коалиција да прифатат една отворена седница и на еден отворен начин се изразговара тој договор и целиот тој пакет и нормално ако тие се убедени во аргументите ќе имаат сила и да ја убедат и јавноста во тој дел и таа би го прифатила тој договор како еден исчекор“, изјави Ристовски.
Ристовски додава дека од друга страна и инсистирањето за брза динамика во потпишување на договорот отвара одредени сомнежи во јавноста и истите треба да бидат отфрлени со соодветна аргументација.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5