Еден голем проблем на скопјани – ноќните луди трки со мотоцикли и автомобили – и најавите од МВР дека ќе стави крај на нив, покажува каква е довербата во институциите на државата.
Горан Младеновски пишува: „Тоа е како на Пластичарската улица да е задолжителна фискална сметка“. Снежана Кузманоска од Драчево пишува дека по петицијата на граѓаните неколку дена имало полицајци, а дека „сега повторно е лудило“. Мухамед Мемети коментира: „Чаир, Топаанско поле, ’Џон Кенеди‘, улицата кај Рамстор, ноќе стануваат Ф1 Монако, поздрав за иницијативата“. Спасо Џегер, кој постојано постира негативни коментари за новата власт, коментирал: „СДС и анархија“, очигледно свесно заборавајќи дека лудите трки по скопските улици не е сегашен проблем и „мода“ во Скопје.
Има многу реакции и по информацијата за пресот на ВМРО-ДПМНЕ пред СЈО и Апелациониот суд и изјавата дека „Истрагите на СЈО се политички нарачки“. Рубин Ристески порачува: „Тоа не е хајка, тоа е ОДГОВОРНОСТ ПРЕД ЗАКОНОТ, ВИЕ сте тие кои ОСУДИВТЕ и ПРИТВОРИВТЕ, а богами и УБИВТЕ ваши неистомисленици“. Мате Додевски објавил неколку монтирани фотографии против Заев и Шекеринска, што редовно ги постира, а Кенан Абдулаи, очигледно резигниран од пресот на сегашната опозициска партија, постирал: „Вие не сте нормални, само 2 телевизора за милион евра, а уште сонувате...“
Неделното интервју за РСЕ на претседателката на Центарот за заштита на културното наследство, Донка Барџиева – Трајковска, во кое покрај другото зборува за тоа дека објектите и спомениците од проектот „Скопје 2014“ би требало да се редефинираат според правните прописи и во Собранието, што претходната власт го прескокнала, предизвикало голем број коментари против, што можат да се сведат на постот на Марија Гичева: „Доста со глупости, има ли некој способен меѓу вас нешто да изгради или ќе останете партија на рушење, срамота“. Ивана Живковска, пак, во врска со Музејот на ВМРО: „Од кого го наследивме па е културно наследство, тој е срам за културата, може да биде споменик на кичот... ништо повеќе“.
Барањето од ВМРО-ДПМНЕ „СДСМ да ги исполни ветувањата на граѓаните и да ја внесе државата во ЕУ и НАТО“, Трајче Ружица Лазарови го коментирала со следниот пост: „Сосе вас криминалците или може и без вас? Треба да се изјасните, после да не речете дека не сте биле прашани и пак да има маратонски седници, само за да докажете дека и вие сте можеле да влезете во ЕУ, ама не сте сакале!!!“