Управните и надзорните одбори трошеле најмалку 3 милиони евра годишно

Влада на Република Македонија

Контроверзиите кои ги следеа именувањата на членовите на управните и надзорните одбори повторно ја разбрануваа јавноста по најавата за смена на 1500 луѓе од функционерски позиции. Аналитичарите порачуваат за промена интересите на граѓаните да бидат во фокус, а не на партиите.

Функционерските столчиња во управните и надзорните одбори на годишно ниво ја чинат државата најмалку 3 милиони евра. Толку пари се трошат за една година за исплата на законски одредените паушали од 10, 11 и 12 илјади денари месечно за вкупно 1500 позиции.

Основната улога на членовите на управните и надзорните одбори пропишана со закон е контролен механизам кој треба да се грижи за регуларноста на работењето на институциите и спроведувањето на законите. Според законот за јавни претпријатија, управните и надзорните одбори служат за контрола на материјално-финасиското работење на директорот. Управниот одбор се состои од најмалку 5, а најмногу 15 членови. Нивниот мандат изнесува 4 години.

Но, проблемот со овие позиции кои ја чинат државата годишно 3 милиони евра е што досегашната практика покажала оти таквите позиции досега биле злоупотребени како инструмент на власта, наместо да бидат користени како инструмент на граѓаните и на фирмите или ефикасниот менаџмент, објаснува професор Темелко Ристески.

„Работеа за задоволување на лични и партиски интереси на една групација која дошла на власт којашто во име на демократските избрани претставници на власта наместо да работат во служба на граѓаните работеа во служба на самите себе си, “ вели Ристески.

За ефектите од извршувањето на нивната функција во јавноста немаше досега никаква информација. Но, во изминативе петнаесетина години составот на управните и надзорните одбори беа проследени со контроверизии во јавноста. На таквите функционерски столчиња седуваа луѓе кои во јавноста од позиција на универзитетски професори ја бранеа владината политика, па како што пишуваа дел од медиумите беа наградувани со неколку позиции во управни одбори со што месечно добивале додаток во платата од најмалку илјада евра. Во дел од управните одбори членуваа и луѓе за кои медиумите пишуваа дека се роднини или сватови на функционери, како и контроверзни бизнис менаџери.

Професор Ристески смета дека за превенција на ваквите појави е потребно да се воспостават силни механизми на контрола на обновените управни и надзорни одбори, да се покрене свеста на граѓаните дека тие што добиваат плата од државната каса треба да бидат сервис на граѓаните. Аналитичарите додаваат дека и притисокот од јавноста и будното око на невладините организации може да помогнат околу превентивата.

„Треба да развиваме личности кои ќе се однесуваат одговорно кон општествените обврски кои ќе ги извршуваат. Треба многу да се работи на тоа. Новата власт треба да вложи големи напори да изнајдат чесни луѓе. Ниту јас, нити вие, не можеме да имаме потполно увид во тоа кој каде ќе се постави, но се надевам дека ќе водат сметка и за тоа, на тие места да се најдат морални луѓе кои нема да бидат во служба на некаква гарнитура туку ефикасно ќе си ја врашат работата“ додава Ристески.

Со последната одлука на владата се разрешени над 720 членови на управни одбори и 160 членови на надзорни одбори, кои биле дел од јавните претпријатија, јавните здравствени установи, јавните установи за социјална работа, агенции и други правни лица.

Разрешени се и 160 луѓе од одборите на директорите како и дополнителни 400 членови на разни комисии кои биле дел од надзорен одбор и одбори на директори од акционерските друштва во државна сопственост, а Владата за регулаторните тела одлучи да се достави предлог за разрешување на управните одбори до Собранието.

Ваквиот потег на Владата, како што се вели во владиното соопштение, е со цел да спречат натамошни штети по буџетот на Република Македонија од неодговорното однесување на дел од членовите на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, за кои постојат информации дека биле потпишувани штетни менаџерски договори и дека биле именувани луѓе на менаџерски позиции со надоместоци со астрономски износи.

За поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ ова одлука значи брутална партизација на државата со тоа што незаконски менува луѓе чии мандат се уште не изминал.

Масовна промена на функционери направи и ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година. Тогаш беа разрешени илјада членови од управни одбори уште на првата владина седница.

„Разрешувањето во пакет е сигнал дека политиката што ја водеше претходната власт беше неуспешна, што практично беше оценето од граѓаните на Република Македонија,“ беше наведено во првото соопштение на Владата во 2006 година предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Методот на „партиска чистка во повисоките раководни позиции“ по промената на власта во државава е речиси практика затоа што таа беше спроведена и со промената на власт во 2002 година кога на челната позиција застана СДСМ, а слично беше и со ВМРО-ДПМНЕ четири години претходно.