Фокус - СЈО има сведок од врвот на фамилијата – кој ќе го предаде Груевски?
Најинтригантната тема на најновото издание на Фокус е најавена уште на насловната: „СЈО има сведок од врвот на фамилијата – кој ќе го предаде Груевски?“, заедно со фотографија на поранешниот премиер обиколен со фотки на неговите најблиски соработници: Ставрески, Мијалков, Протоѓер, Јанакиески и Јанкулоска. А во текстот со наслов: „Јавноста ќе се шокира кој од Фамилијата јавно ќе сведочи против Груевски!“ се повикува на информацијата што јавно ја обелодени еден од иницијаторите за реформирање на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојевски, во една телевизиска дебата. Фокус не успеал да дознае дали сведоците се осуммина на број, но од свои добро упатени извори, неофицијално дознава дека такви сведоци постојат и дека јавноста ќе биде „изненадена, дури и шокирана од нивните имиња“, пишува неделникот. Веројатно ќе помине доста време, поради законскиот и правен протокол, но Фокус го пренесува тврдењето на СЈО дека обезбедиле доволно докази за поткрепа на обвиненијата“, за да ја објави неофицијалната „бомба“ дека СЈО имало доволно сведоци, и тоа од блиското опкружување на осомничените, кои биле спремни да откријат сè!
Република - СЈО го штити предавството на Заев – Хајка против ВМРО-ДПМНЕ за уривање на Македонија
Република, пак, со свое гледање на работите. На насловната објавува: „СЈО го штити предавството на Заев – Хајка против ВМРО-ДПМНЕ за уривање на Македонија“, наслов што е на линијата на изјавата на Груевски по покренатите обвиненија против него и неговите најблиски соработници од страна на Специјалното обвинителство, во која стави знак на равенство помеѓу партијата и него. Текстот на уводникот во неделникот е полн со обвинувања и напади врз Катица Јанева и нејзините соработници дека наводно се приврзок на СДСМ и на Заев, дека работеле по партиска линија и дека треба да одговараат за тоа. Авторот на уводникот бил убеден дека „еден ден, сите учесници на ова сценарио за разнебитување на државата ќе понесат одговорност, заедно со овие од СЈО“, вели, кои добиле исклучително одговорна задача, а решиле да работат за партиски цели, како што пишува.
Капитал - Државна помош за странските инвеститори зависно од соработката со домашните фирми
Главната тема во Капитал е новиот владин предлог за поврзување на странските и домашните инвеститори и во насловот ја кажува неговата поента: „Државна помош за странските инвеститори зависно од соработката со домашните фирми“. Капитал ги пренесува и зборовите на вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев дека ќе се смени досегашната практика кога одредени странски компании добивале помош и до 50 отсто од инвестицијата, а речиси ништо или најмногу до 1 отсто од суровините или услугите ги набавувале од домашниот пазар. Исто така ги пренесува и најавите на новата Влада дека ќе продолжи со политиката на привлекување инвестиции, но дека транспарентно ќе ги објавува сите трошоци за да може јавноста да процени колкави се реалните придобивки.